Интернет
14. August 2016 - 13:37

Интернетски криминал „Made in Nigeria”

Дојче веле - Бон

Интернетскиот криминал е нешто по кое Нигерија стана позната. Тоа не само што дополнително го влошува имиџот на оваа држава, туку и создава и голема стопанска штета. Секој барем еднаш добил електронско писмо во кое се ветува богатство, секако со претходна дознака. Таквите пораки често стигнуваат од Нигерија. Таму делува специјална Комисија за борба против економски и финансиски криминал (EFFC), која сега оствари и голем успех во истрагата. 

Вилсон Увујарен ретко кога има причина за радост. Тој работи за EFCC, нигериска финансиска полиција, која исто така ретко победува во борбата против корупцијата и измамите во државата. Затоа Увујарен е горд, бидејќи во градот Порт Харткоурт во мрежата фатил крупна риба. „Ова апсење е јасна порака за криминалците” - вели тој. „Каде и да сте, што и да правите, ќе ве најдеме. Во случајот на овој измамник по име Мике, Интерпол ни стави на располагање информации од тајните служби, а благодарение на нашата технологија, успеавме да го фатиме”.

Интелигентни вируси од Нигерија

Звучи како содржина на некој холивудски трилер. Нигериецот Мике со децет учесници во Нигерија, Малезија и Јужноафриканската Република создал измамничка мрежа на интернет. Нивни жртви пред се се мали и средни компании во САД, Австралија, Канада, Индија и Тајланд. Тоа се фирми на кои им треба интернет за глобални дејности со кои се бават. Мике и неговите луѓе ги хакирале електронските адреси и од нив праќале сметки кои изгледале како вистински, при што доаѓале и до броеви на банкарски сметки.

Развиле интелигентни компјутерски вируси, блокирале компјутери и празнеле тековни сметки. Во еден случај дури 14 милиони долари одеднаш. Бандата така успеала да украде вкупно 54 милиони евра. Помошниците во САД, Кина и Европа се задолжени за перење на пари. Сето тоа сега полека се открива. Омар Маинасара, еден од првите адвокати во Нигерија, вели дека „сајбер криминалот достигнал алармантни размери. Овие злосторства ги надминуваат нашите способности за разбирање на овој криминал. Тука се лаже неказнето и неверојатно е што тоа се случува во Нигерија”.

Измама „419”

Мике е вмешан во цела низа криминални активности по кои Нигерија стана позната, пред се во измами со портали за наоѓање на партнери, или во измами со барање на заем кој наводно тој што ќе го плати ќе добие голема сума на пари. Оваа лага во нигериското судство се вика „измама 419” според членот на тамошниот кривичен закон. За некој да дојде до наводните милионски суми на име наследство, треба да дозначи сума од околу 100 до 200 долари за „отстранување на последните правни пречки и за средување на соодветната формалност”. Колку и да изгледа тоа неверојатно, секогаш се наоѓаат луѓе кои наседнуваат на такви пораки.

„Не сум изненаден од тоа” - вели Маинасара, „интернетскиот криминал не запира на државната граница”. Тој додава дека е жално што Нигерија се уште нема механизми кои можат да ги спречат тие илегални активности. Додуша, тие механизми постојат; претседателот Мухамад Бухари посвети посебно внимание на борбата против овој вид на криминал, во изработка е и нов закон кој на полицијата треба да и ја олесни контролата на комуникациите на интернет, а документите од интернет на суд ќе се признаваат како докази. Владата се плаши дека случајот со Мике само е врв на брегот. Веќе долго се намалува бројот на странските инвеститори кои сакаат да инвестираат во Нигерија, меѓу другото и поради интернетскиот криминал. Додуша, Нигерија, која воедно е најголемо африканско стопанство, профитира од бумот на дигиталната инфраструктура, но тој бум донел и измамници. Според официјалните податоци на владата, Нигерија секоја година губи околу 390 милиони евра поради измами на интернет. Тоа е речиси 1 отсто од БДП.