Македонија
12. јуни 2017 - 19:38

Инспекторите за храна ќе ги ,,чешлаат‘‘ туристичките места уште пред почетокот на сезоната

Вондредни контроли на храната во туристичките места во државата. Мешани тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство пред почетокот на летната сезона ќе ги поминат сите ресторани, кафеани, сендвичари и хотели во Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Посебна цел на контролите се месото, млекото и јајцата кои како високо ризични производи можат да бидат причина за масовни труења и сериозни компликации по здравјето.

-Високата температура, несоодветната хигиена, лошото чување на храната може да доведе до развој на токсини кои птооа се главни причинители за труење кај граѓаните, вели Светлана Колариќ, државен советник за храна во АХВ.

Инспекторите овој период ќе ги контролираат и зелените пазари за да проверат дали и на плус 30 степени пазарџиите на тезгите и во несоодветни услови продаваат сирење, кајмак и други млечни производи. Според АХВ, во синџирот на исхрана одговорноста е на сите учесници а купувачите да внимаваат од каде и што купуваат.

-Пазарите и локалните самоуправи треба да обезбедат соодветни услови за чувањ еи продавање на ваква храна. Мора да има разладни уреди и производот да биде од производителот и точно да се знае неговото потекло а не од препродавачи, вели Колариќ

Агенцијата изминатите два месеци направила вонредни контроли во месарници и кај производители на мед. Во помали продавници на месо пронашле дека одмрзнат призвод се продава како свеж и сопствениците билое санкционирани. Казни заработиле и производители кои нуделе фалсификуван мед кој содржел гликозен сируп.