Македонија
10. February 2021 - 11:56

Иницијативен одбор бара свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

Време е да сопре пропаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија.

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот Претседател Христијан Мицкоски.

Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка.

Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин.

Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми Март во Скопје.

Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите.

Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба е една од приоритетните точки на дискусија.

Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување.

Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава.

ВМРО-ДПМНЕ со се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски е руинирана до непрепознатливост. Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање на ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните.

Тој нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност. Затоа и граѓаните најголемата поддршка во опозицијата му ја даваат на Димитар Апасиев, иако води мала и антизападно ориентирана партија, а Мицкоски е само втор во опозиција и политичар со рекордно висок негативен рејтинг.

ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи тој луксуз и да ги трпи последиците од лошото работење на Мицкоски уште десет месеци до редовниот конгрес. ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи луксузот да загуби уште едни избори само за да биде задоволена суетата и алчноста на Мицкоски.

Доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Вонреден 17-ти Конгрес. Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори на есен.

Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата.

Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес ВМРО-ДПМНЕ