Македонија
21. March 2016 - 11:59

Иницијатива за соработка меѓу Битола и Врњачка Бања

Почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија, Силјан Мицевски поведе иницијатива за развивање соработка меѓу општините Битола и Врњачка Бања.

Соработката ќе се остварува во сферата на туризмот, бидејќи и двете општини на тој план имаат голем потенцијал, истакна Мицевски за време на приемот на делегација на Црвен крст од Врњачка Бања.

- Воспоставувањето на конкретни програми за соработка може да овозможи битолчани често да престојуваат во Врњачка Бања, во тамошното познато одморалиште и лекувалиште, да ги видат изворите на миниерална вода и да се рекреираат на спортските објекти. Туристичкото анимирање може да го направат тур-операторите од двата града, бидејќи и Битола има голем туристички потенцијал и понуда за граѓаните на Врњачка Бања, посочи Мицевски.

На заедничката средба со гостите од Србија, почесниот конзул Мицевски јавно ги покани научните работници од соседната држава да учествуваат со свои трудови на традиционалниот симпозиум што го организира Конзулатот во Битола и е посветен на културните, образовните и стопанските врски и пријателство меѓу Македонија и Србија.