Македонија
6. December 2017 - 8:34

Инфо-сесија за првиот регионален повик на Фондот за Западен Балкан

Министерството за надворешни работи на Република Македонија во координација со Фондот за Западен Балкан (ФЗБ), денеска во Скопје ќе одржи официјална Инфо-сесија за првиот објавен повик за поддршка на проекти.

Како што информираат од МНР, целта на инфо-сесијата, која се одржува во рамките на повикот, ќе биде подетално запознавање со насоките и правилата за апликација како и генералните критериуми и вредности кои се очекуваат од апликантите.

Повикот за поддршка на проекти за непрофитни организации, согласно статутот и целите на Фондот, беше објавен на 15 ноември, а крајниот рок за нивно доставување е 22 декември 2017 година.

ФЗБ со седиште во Тирана, е регионална иницијатива оформена со заедничка одлука на министерствата за надворешни работи на шесте држави од Западниот Балкан (Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово) во 2015 година. Главната цел на Фондот е развивање соработка помеѓу земјите членки, зацврствување на односите и регионалната кохезија, како и унапредување на интеграцијата во ЕУ преку поддршка на заеднички регионални проекти.