Македонија
23. September 2019 - 14:01

Индустриски отпад со супстанца на железо го поцрвене Вардар

 
Според првичните анализи Сител дознава дека Вардар поцрвенел по течението кај село Јурумлери поради индустриски отпад.
 
Анализите се во тек, но неофицијално според надлежните се работи за супстанца железо која во голема мера е забележана во примероците кои се земени во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација - Скопје.
 
Талогот од оваа супстанца е и причина за поморот на риби кој беше забележан вчера во Вардар.
 
Загадувањето според сознанијата на надлежните истекува од канал кој се наоѓа во речното корито во близина на мостот Близнак. 
 
Токму на ова место екипата на Сител регистрираше иста боја на камењата околу каналот, почвата и тревата. Тоа потврдува дека испуштањето на овој индустриски отпад не е прв пат.
 
Примероците денеска ќе бидат предадени на надлежен инспектор кој веќе утре треба официјално да соопшти за што се работи. 
 
Градоначалникот на Скопје вели за вакво загадување ќе бара ригорозни казни.
 
Денеска водата не беше во жолто црвеникава боја, но граѓаните сведочат дека загадувањето го забележале и претходно.
 
Мирјана Давидовска