Свет
21. November 2015 - 11:31

Индонезија ќе ги забрани мобилните телефони во основните училишта

Министерката за унапредување на женските права и заштита на децата Јохана Јембисе денеска изјави дека во Индонезија треба да се воведе забрана децата во основните училишта да имаат мобилни телефони.

Причини за тоа се зголемениот обем на насилства, злоупотреба на децата и нарушени односи во семејствата, за што многу придонесува можноста на младата генерација да има неограничен пристап до често неетичките содржини на поставките и апликациите на мобилните телефони.

Неколку илјади наставници и волонтери го следеле користењето на мобилните телефони на учениците и дошле до заклучок дека „најпопуларни“ за користење биле поставените еротски филмови и фотографии со детска порнографија. Анкетираните родители не знаеле какви содржини гледаат нивните деца на мобилните телефони.

Обемното истражување навело и на заклучок дека најмногу неетички и непристојни содржини користеле деца во чии семејства се нарушени односите.

Ако истражувачите уште месец-два дојдат до слични заклучоци, министерката Јохана ќе го достави веќе подготвениот Декрет за забрана на мобилните телефони во основните училишта за потпис на претседателот на Индонезија Јоко Видодо.