Свет
9. December 2015 - 22:50

„Индепендент“ : Да му се забрани влезот на Трамп во Велика Британија

Лондонскиот весник „Индепендент„ побара забрана за влез на Доналд Трамп во Велика Британија, поради неговите изјави за муслиманите, дадени во интервју за една американска телевизија.

Весникот кој важи за близок на британските левичарски и либерални кругови и најчесто е критичен кон американските републиканци, се пресметува со милијардерот Трамп кој е водечки кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, за ширење омраза, поради  неговата изјава дека треба да се забрани влегувањето на муслиманите на американаката територија.

Овој весник, барањето за забрана за Трамп го оправдува, тврдејќи дека  „некои британски пратеници„ претходно побарале од властите во Велика Британија да не дозволат американскиот милијардер-политичар, во иднина да може да влегува на британската територија.

Пролабуристичкиот „Гардијан„ го нарекува Трамп „проповедник на омразата„ па уште од сега, порачува дека Британија ( а и ЕУ) не ќе може да соработуваат за исламскиот фуундаментализам, со Белата куќа во која би бил Доналд Трамп.

Весникот смета дека тој самиот се дисквалификувал за ова, доколку стане претседател на САД, па во такви услови „претседателот„ Трамп би си спроведувал своја, а другите (Британија и ЕУ) би терале своја политика, предвидува „Гардијан„.

Квалификацијата за Трамп, како „проповедник на омразата„ претходно, беше користена за исламистичкиот верски лидер Абу Хамза кој ги оправдуваше терористичките напади на бомбашите самоубијци, како и ги потикнуваше младите муслимани во Лондон, на радикализација.

Хамза подоцна беше екстрадиран во САД каде беше обвинет за агитирање за џихадизмот и за уредување камп за обука за терористички напади, во сојузната американска држава Орегон.

Дел од британската левичарска јавност се противеше на екстрадицијата, вклучувајќи ги „Индепендент„ и „Гардијан„ па случајот на Хамза се провелекуваше низ британските судиви со години на ред.