Македонија
17. January 2021 - 16:37

Имаме ли посебен систем за селекција на отпадот од Ковид-19?

И по речиси една година живот во пандемија, граѓаните се уште ги фрлаат маските и ракавиците каде ќе стигнат. Овие отпадоци се се почеста слика по парковите, улиците, пред продавниците но и околу болничките установи каде хигиената би требало да е на највисоко ниво. Отпад кој може дополнително да ја рашири заразата забележавме и во  кругот на клиничкиот центар каде од далеку делуваше чисто.

Контејнерите беа полупразни, но околу нив насекаде расфрлени ракавици и маски. Во помалите канти за отпадоци забележавме медицински ракавици без претходно да ги завиткаат во ќесе.

Граѓаните сметаат дека свеста и културата се на многу ниско ниво но сепак надлежните требало поинаку да постапуваат со овој отпад.

Ракавиците и маските надлежните ги третираат како комунален отпад. Нема посебни садови за одлагање и овој како и другиот комунален отпад завршува на Дрисла. Од комуналното претпријатие апелираат граѓаните да бидат совесни и  безбедно да ги складираат пред да ги исфрлат во контејнер.

Минатата година кога настапи и пандемијата, претпријатието собрало и транспортирало вкупно 158 476 тони комунален отпад. Во споредба со 2019г, количината на отпадот е зголемена за 4713 тони. Во просек по 500 тони дневно само од главниот град.