Балкан
15. July 2016 - 13:50

Има ли вистина во „црните‟ временски прогнози, какво време навистина не очекува

Секојдневно многу „експерти‟ не „бомбардираат‟ за времето со разноразни прогнози, најавуваат незапамтени временски екстреми и феномени кои никогаш не се видени на овие простори.

Така во зима слушаме приказни, односно прогнози дека не очекува исклучително блага зима, најблага во последните 100 години, а по неколку дена се појавуваат снежни студени бури и студен замрзнат дожд... На пролет и лето излегуваат слични прогнози, само што овој пат предвидуваат рекордно топли температури, опасни по живот.

Се обидовме да дознаеме за што всушност се работи, за непредвидлива природа или медиумска трка за што „поцрни‟ прогнози, кои се повеќе личат на сценарио од некој филм за катастрофа.

Небојша Куштриновиќ, метеоролог и член на Комисијата за климатски промени на БиХ, тврди дека сензационалистичките натписи кои ги гледаме и слушаме речиси секојдневно во медиумите се преувеличување за да се привлече публика, но дека во исто време во себе кријат и доста вистина.

Времето и климата, вели Куштриновиќ, очигледно се менуваат на целата Планета, а исклучок не е ни нашиот регион. Се случуваат природни феномени кои тука порано ги немало. Се работи за торнада.

- Од почетокот на официјалната метеоролошка служба во Босна и Херцеговина, во 80-тите години на 19 век па до 2011 година, торнадо тука никогаш не било забележано. Сепак, во последните пет години, регистрирани се три во Приједор, Маглај и Попово Поле. Регистрирани се и во други земји во регионот и веројатно во следниот период ќе бидат се почести. Секако, тоа не се торнада со интензитет како тие што го погодуваат американскиот континент, но порано овој климатски феномен во ниту еден облик кај нас не бил присутен. Покрај торнадото, многу се зголеми и интензитетот на ветровите, поплавите и сушите се се почести, летните температури се над рекордите, а сето тоа јасно говори дека во иднина не чекаат се почести и посилни временски екстреми, вели Куштриновиќ.

Тој додава дека во БиХ отежнувачка околност, покрај се поевидентната промена на климата, претставува и фактот што немаме ниту еден современ метеоролошки радар, кој би можел да предвиди опасност, барем неколку часа пред настанокот на торнадо, силен ветер или било кој друг временски екстрем, со цел навремено да се преземат мерки за заштита.

Летово потопло и посушно

Што се однесува до ова лето, Куштриновиќ вели дека нема да биде поинакво од претходните, само нешто потопло и со помалку врнежи.

- Во јули и август, температурите ќе бидат повисоки од повеќегодишниот просек. Овие месеци ќе бидат посуви, така што дождовите кои ги имавме во поголеми количества во мај ќе бидат наша златна резерва, вели Куштриновиќ.

И климатологот проф. др. Горан Трбиќ, продекан за научно-истражувачка дејност на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Бања Лука, смета дека повеќе не е прашање дали сме под влијание на климатски промени, туку како ќе се прилагодиме на нив.

- Климатските промени веќе денес условија зголемување на температурите на воздухот на цела територија на БиХ, каде зголемувањето оди над еден степен Целзијусов на годишно ниво, посебно во урбаните средини. Трендовите веќе сега укажуваат дека промените се одвиваат многу брзо и дека веќе денес летата се топли како во северна Грција. Многу е променета распределбата, односно режимот на врнежите во текот на годината. Освен тоа, зголемени се интензитетите и фреквенциите на екстремните настани, од кои посебно сушите, поплавите, топлотните бранови, градот и друго, објаснува Трбиќ.

На прашањето, колку државата, локалните заедници, па и самите граѓани, се подготвени да одговорат на сосема извесните промени на климатските услови, Трбиќ вели дека зголеменото знаење за можното влијание и начинот на прилагодувањето е прв чекор во тој правец.

Следниот чекор е инволвирање на проблематиката на климатските промени во стратешките документи и прилагодување на активноста на секторот на услови на променета клима. Важно е да се потенцира, вели Трбиќ, дека има и позитивни ефекти од климатските промени, кои се најмногу застапени во секторот на земјоделството, бидејќи со зголемувањето на температурата се продолжува периодот на вегетацијата.

Тој оценува и дека веќе сега е јасно оти глобално, многу брзо и нерационално ги трошиме природните ресурси. - Мислам дека понатамошниот стопански раст мора да се одвива во согласност со принципите на одржливото, односно со усогласен развој и еколошки и економски, ако сакаме и нашите поколенија да живеат во здрава животна средина, вели Трбиќ за „Бука“.

Екстремите ќе бидат се поголеми

Од 2000 година БиХ се соочи со неколку значајни екстремни климатски и временски епизоди, кои предизвикаа значајни материјални и финансиски загуби, како и загуби на човечки животи. Два највпечатливи настани се сушата во 2012 година и поплавите во 2014 година.

Сушата од 2012 година беше посебно силна и придонесе за намалување на приносите на некои посеви и до 50 отсто. Исто така, проценките покажуваат дека сушите во 2000, 2003, 2007 и 2012 година предизвикале материјална штета поголема од три милијарди евра, а поплавите во 2014 година и над две милијарди евра.

Што се однесува до шумските пожари, материјалната штета настаната само во периодот од 2000 до 2009 година е поголема од 300 милиони евра.

Игор Калаба од Центарот за животна средина смета дека државата се уште не е подготвена на соодветен начин да одговори на климатските промени. Во текот на мајските поплави во 2014 година, поголем број граѓани, вели Калаба, релативно добро ја поднеле таа временска неприлика, додека државните, ентитетските, кантоналните и општинските служби главно потфрлиле.

- На проекцијата за влијанието на климатските промени БиХ се наоѓа меѓу земјите во Европа кои ќе бидат најтешко погодени. Уште не е доцна, но мораме да направиме драстични промени во стратегијата на сите сектори на БиХ, од енергетиката до производството на храна, вели тој.

Исто така, активното следење на глобалните политики и одговорот на климатските промени е потребно поради развивање на планови за развој на БиХ. - На пример, ако БиХ и земјите во регионот планираат поголем број термоелектрани на јаглен, фосилен извор на енергија, со план таа енергија да ја извезуваат и ако сите почнеме да кориситме јаглен, а Европската унија поради климатските промени го забрани увозот на енергија од фосилните горива, што ќе се случува со нашите термоелектрани и милијарди вложени во истите?, прашува Калаба и додава дека 97 отсто од светските научници се согласуваат дека климатските промени се предизвикани со согорување на фосилни горива.

Да потсетиме, во декември 2015 година, 195 земји на светот потпишаа Меѓународен договор за климатските промени и со тоа се обврзаа да преземат конкретни мерки за да се намали емисијата на штетните гасови. Целта на договорот е до крајот на векот да се намали глобалното затоплување и порастот на глобалните просечни температури да се ограничи да биде под два степени Целзијусови.

Науката тврди дека, според сегашните трендови емисијата на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, му се заканува на светот со затоплување на плус четири степени, што ќе доведе до повеќе поплави, суши, раст на нивото на морињата, ширење на болести и судири околу ресурсите.

За крај погледнете ја снимката која минатиот месец ја објави НАСА за затоплувањето на Земјата.