Македонија
29. February 2020 - 16:35

Има ли начин за спас на Преспанското Езеро

Вака изгледа брегот на Преспанското Езеро кај селото Асамати. Големото повлекување на водата ги остави трските на суво, а рибарите заради калта и тињата едвај ги внесуваат чамците во водата.

Втиснатата година на овој камен сведочи до каде се наоѓало езерото пред 40 години. Брановите ги заплискувале крајбрежните куќи. Но, сега езерото е неколку стотини метри подолу. Жителите на Асамати велат дека климатски промени си го направија своето.

-Порано татко ми кажуваше дека имаше доволно сег на околните планини. Од 1981 година нема снег, дожд, затоа езерото се намалува, вели жител на село Асамати.

А токму сушата и немањето снег може да има несакани последици за животот во Преспанското Езеро, вели концесионарот на езерото според кој уловот на риба во последните 2-3 години е намален заради промената на животот на рибата.

-Сливните подрачја и изворите од снежните масиви кои се многу слаби може да доведат до неносење кислород, свежа вода во езерото, а езерото има микро и макро флора, нема свеж дотур на кислорот преку слибвните подрачја и подземните води, можеме да очекуваме и нешто страшно. Најголемиот проблем е што досега никој ништо не презел, вели Наумче Ставревски, концесионер на Преспанското Езеро.

Општина Ресен постојано го следи нивото на Преспанското Езеро. Веднаш ги известиле надлежните институции за алармантното повлекување на водата, кога за многу краток период од два месеца, водата се повлекла висински околу еден метар.

-Постојано има варијации на езерото, најголемото повлекување беше на почетокот на 90-те години каде всушност излегоа населби за постојаното повлекување на езерото, но ова што се случи оваа година, за кратко време толку вода се повлече, го вклучи алармот кај нас што побрзо да се преземат мерки, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Општина Ресен.  

Управувањето на езерото мора да биде во согласност со грчка и албанската страна, а како општина постојано се во контакти со нив. Министерството за животна средина пак за в понеделник најави координативна средба на национално ниво со научната јавност и засегнатите страни, со цел да се пронајдат причините за состојбата и следните чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро.