Македонија
22. December 2020 - 12:48

ИЈЗ: Намален бројот на новозаболени и починати од Ковид-19

Намален е бројот на новодијагностицирани и починати, како и на процентот на позитивни од тестирани за Ковид-19 во периодот од 14 до 20 месецов споредено со претходната недела, покажуваат податоците од денеска објавениот неделен извештај на Институтот за јавно здравје. Тоа, посочуваат оттаму, е тренд во изминатите три недели.

Во тој период се пријавени 159 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 8,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 од 50-59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, а три случаи од возрасната група од 30-39 години.

Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 16,9 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=1.960; 42,7%), со неделна инциденца – 221,6/100.000. Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 29,3 проценти, што е намалување од 5,5 проценти  во однос на минатата недела.

Според податоците на ИЈЗ, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.343, 29,3 проценти). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=885; 19,3  проценти), 30-39 (n=810; 17,7 проценти), 40-49 (n=801; 17,5 проценти) и 20-29 (n=509; 11,1 процент). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=59; 1,3 проценти) и 10-19 години (n=178; 3,9 проценти).

-По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам,  како оздравени се водат 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 15,1  процент помалку во споредба со минатата недела, информираат од ИЈЗ.

Како што стои во неделниот извештај на ИЈЗ, од 14 до 20 декември биле тестирани 15.607 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2,  што е за 1,6 проценти помалку  во однос на минатата недела.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 14 до 20.12.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.