Бизнис
18. September 2015 - 17:56

Иднината е во ГМО, времето ќе покаже колку се штетни

Јавноста е се уште многу негативно настроена кон генетски модифицираните организми (ГМО). Причина за тоа е недоволната, паушална информираност и непознавањето на суштината на ГМО.

Како што рече денеска професорката по генетика од Факултетот за земјоделски науки и храна Соња Ивановска на панел-дискусијата „Месо? ГМО? Глутен? Пестициди? Холестерол? Лактоза? Хормони? Што да јадам?“, принципот на генетско модифицирање во земјоделството генерално се користи за подобрување на квалитетот на културите преку менување на некои нивни карактеристики – состав на масла кај растенијата, исфрлање на некои штетни материи, а збогатување со други (ликопен кај доматот кој е антиоксиданс),...

Последните култури кои се воведоа во ГМО производството минатата година се компирот со намалена количина на една состојка која е канцерогена и тој масовно се произведува, како и луцерката со намалена количина на лигнин поради што е посварлива.

- Не е убаво кога сите имаме став дека ГМО е франкенштајнска храна и дека ако јадеме ГМО во кој е внесен ген од бубашваба, нашите деца ќе личат на бубашваби. Никој од нас досега не заличил на гравче зашто и не се пренесува така ДНК, таа е дигестибилна, укажа профсорката.

Работа на стручните лица е, додаде, колку може повеќе да ги следат научните трудови за ефектите од генетското модифицирање. - Во ниту еден труд досега не стои дека ГМО се штетни, а ваквите производи воедно подлежат и на многу ригорозни тестирања пред да бидат пуштени на пазарот. Од друга страна, треба да се прашаме што е добро кај пилињата кои добиваат прираст за два месеца – ништо, а се консумираат како здрава храна независно што се полни со хормони, посочи Ивановска.

Нејзин став е дека иднината останува на ГМО и следните генерации ќе ги прифатат.

- Во насока да се подобрат преку уште поголемо усовршување на методите на генетска модификација, веќе се создаваат култури кои немаат туѓ ген, туку нивните гени се така конструирани за да затајат, да не манифестираат одредена карактеристика или да ја манифестираат, но помалку, со помал интензитет, објасни Ивановска.

Дискусијата „Месо? ГМО? Глутен? Пестициди? Холестерол? Лактоза? Хормони? Што да јадам?“ беше дел од конференцијата „Food talk Macedonia“.