Македонија
8. February 2017 - 12:20

Ибрахими: Предучилишното воспитание важно за развојот на децата

Квалитетното воспитание во периодот на раниот детски развој кај децата влијае врз развојот на критичкото мислење, самодовербата, способноста за пресретнување на проблемите и капацитетот за воспоставување на релации со останатите лица од околината, поради што е потребно зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст, истакна министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими на конференцијата посветена на состојбите во предучилишното воспитание.

Додаде дека дека семејството е основната средина во која треба да се обезбедат оптимални  услови за правилен раст и развој  на детето, но, рече, тоа мора да биде надополнето со квалитетно воспитание за правилен ран детски развој.

- Токму затоа, во изминативе години посветивме големо внимание на отворање нови установи за згрижување и воспитание на децата. Потребата од нови градинки се зголеми со процесот на намалување на невработеноста, па така се повеќе семејства каде што и двата родитела имаат работа имаат и потреба детето да го згрижат во градинка. Но, капацитетот на овие установи е ограничен како резултат на децениската запоставеност во изградбата на вакви објекти. Практично имавме децениска стагнација на овој план, како во деведесетите, така и во првите години од минатата деценија. Безмалку сите градинки до 2006-тата беа изградени во времето на поранешната Југославија и истите функционираа согласно со законските и подзаконските акти од тој период, рече Ибрахими.

Од тие причини, како што нагласи, Владата на Република Македонија целосно да се посвети на квалитетен ран детски развој, а  МТСП како надлежно започна со голема реформа во оваа област, насочена кон обезбедување на универзален пристап на квалитететен ран детски развој за сите деца во земјата.

- Доказ на оваа наша посветеност е опфатот на деца од 0 до 6 години во предучилишните установи (градинки) кој во 2006 година изнесува само 9 проценти од вкупниот број деца, а веќе во 2016-та е зголемен и изнесува 26 проценти, односно имаме речиси трикратно зголемување на опфатот на деца. Опфатот на деца, пак,  од 3 до 6 години до 2006-та година изнесуваше само 12 проценти, а според последните податоци изнесува 40 проценти, што е и повеќе од трипати зголемување за овој период од 10 години, истакна министерот Ибрахими.

Како резултат на владините заложби, додаде, само во последните 8 години се отворени 13 јавни општински установи-детски градинки, 4 јавни установи-центри за ран детски развој, 22 објекти на детски градинки, 24 објекти за центри за ран детски развој и 23 групи во други просторни услови коишто работат како градинки и ја имаат истата функција.

Севкупно, потенцира тој отворија 86 објекти за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, а дополнително за прв пат се развива и приватната иницијатива, односно се помага и поттикнува отворањето на приватни градинки со пакет поволности како продажба на градежно земјиште по цена почетна од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за градба на градинки за 95 проценти, кредитирање преку Македонската банка за поддршка на развој, Агенцијата за поттикнување на претприемништво и Агенцијата за вработување на Македонија, доделување на неповратни средства, грантови во висина од 600.000 денари...

На конференција на тема „Актуелните состојби во предучилишното образование  и новата сеопфатна Стратегија во образование“ се обрати и министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу.

- Лично верувам дека предучилишното образование и обезбедувањето на поттикнувачка средина за најмладата популација се дел од начините да се зајакне социјалната кохезија и да се придонесе кон поконкурентно општество засновано врз знаење, истакна Лутфиу.

Нагласи дека и во наредниот период ќе се преземаат активности насочени за остварување на приоритетите и очекуваните исходи предвидени во Сеопфатната стратегија за образование 2017-2020.

Ќе се работи, рече, на подобрување на содржината, условите за учење и квалитетот во остварувањето на предучилишното образование, зголемување на опфатот на децата и подобрување на инклузивноста во предучилишното образование, подобрување на капацитетите на човечките ресурси во предучилишните установи и на одобрување на законодавството, организацијата и управувањето со предучилишното образование и зајакнување на соработката.