Македонија
23. јуни 2021 - 21:15

Иако ветуван за почетокот на јуни, македонскиот зелен ковид пасош се уште заглавен во процедури

Зелениот пасош во Европа станува реалност и веќе функционира во 16 членки на Унијата. Во останатите во тек е имплементацијата и се очекува во јули сите ЕУ држави да станат дел од системот и да го верификуваат Ковид пасошот.
Меѓу првите кои го воведоа зелениот пасош се членките од блискиот регион, како Бугарија, Грција и Хрватска.

Иако министерот за здравство Филипче најави дека зелените пасоши ќе им бидат достапни на граѓаните кон крајот на мај, еден месец подоцна од неговиот кабинет информираат дека Македонија сè уште чека насоки за имплементација на т.н. Ковид пасош.

„Европската Унија се уште ги усогласува процедурите за ЕУ ковид сертификат, нашата земја чека насоките од ЕК како и од СЗО, од каде најавија дека до крај на месецов ќе излезат со документација за препораки за изработка на ЕУ ковид сертификат. До тогаш за патување во странство се издаваат сертификати со QR код”, велат од Министерството за здравство.

Т.н. ЕУ дигитален Ковид пасош е идеа на Унијата, со цел да се дозволи безбедно патување без ограничувања на движењето или задолжителни карантини при влез во друга држава.

Дигиталниот пасош е документ, кој може да се поседува во хартиена или дигитална форма. Зависно од статусот на патникот, постојат три основи за добивање зелен пасош и тоа доколку се примени две дози вакцина, со негативен тест, или со сертификат дека патникот прележал Ковид-19 најмногу 6 месеци пред патувањето. При тоа, тестот за антитела не се признава како доказ дека е прележан вирусот.

Инаку, ЕУ за сега ги прифаќа само вакцините одобрени од ЕМА, односно Фајзер, Астра Зенека, Модерна и Џонсон и Џонсон. Иако, според тоа делува дека вакцинираните со руската или кинеска вакцина нема да ги уживаат истите привилегии, сепак секоја членка на Унијата го задржува правото сама да одлучи дали ќе дозволи непречено движење и на тие кои примиле други вакцини.