Македонија
19. May 2022 - 16:35

И Шарл Мишел поддржува паралелна организација на ЕУ - Ковачевски и Мицкоски сметаат дека Македонија не припаѓа таму

По францускиот претседател Макрон, за прв пат висок претставник од ЕУ отворено ја поддржа иницијативата за формирање на европска геополитичка заедница која ќе ги сплоти земјите од Западен Балкан и партнерите од Истокот кои чекаат да бидат дел од европското семејство, во заедница која ќе ги решава заедничките проблеми и ќе се грижи за безбедноста и стабилноста на континетот.

„Ќе предложам да се одржи конференција околу или по летото“- напиша Мишел на Твитер, со објаснување дека оваа конференција ќе ги собере лидерите на ЕУ и оние засегнати земји партнери да разговараат за овој проект.

Ваквата идеја за формирање на европска заедница, според премиерот Ковачевски нема да влијае врз проширувањето на Унијата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели - на Македонија местото не и е во втората лига, а земјава ги исполнила сите услови да седи на иста маса со земјите членки во Унијата.

Дополнително според Мицкоски, доколку Владата прифати во преговарачката рамка да влезе барањето на бугарскиот претседател Радев за писмени гаранции од Макрон, Македонија да го испочитува договореното со Бугарија, тоа би значело комплетна капитулација и таквиот предлог нема да добие нивна поддршка во македонското собрание.