Македонија
20. December 2019 - 17:13

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тактизираат со техничката влада

Премиерот Заев решил да тактизира со објавувањето на името на неговиот наследник во премиерската фотелја во владата задолжена за спроведување на изборите .

До вчера името на Оливер Спасовски беше сигурно на позицијата технички премиер, но партиски извори велат дека по вчерашната координација на партискиот врв на која не била донесена одлука и ново име на оваа позиција не треба да биде изненадување.

Имињата на своите кадри ги крие и опозицијата. Извори од таму за Сител велат дека ќе чекаат Владата да го објави својот избор по што и тие ќе ги презентираат своите кадри. Неофицијално, Тимчо Муцунски е пред промоција во министерството за информатичко општество и администрација а Цветан Трипуновски во земјоделие. Се уште се бара кадар за Министерството за финансии, труд и социјала и клучниот ресор МВР. Таму од ВМО-ДПМНЕ велат дека во случај Спасовски да не замине на Илинденска, ќе се размислува за професионален кадар со подолг стаж во министерството.

Ваквиот развој на настаните најавува дека и власта и опозицијата своите предлози за новиот владин состав ќе ги обелоденат во последен момент.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес конфернеција најави дека неговата партија очекува апсолутно мнозинство во Собранието со 61 пратеник.

Победа очекува и премиерот Заев и тоа со голема разлика.

Согласно законот, Заев треба да си поднесе оставка на 3 јануари а истиот ден Собранието да ја избере и новата техничка Влада. Закондоавниот дом се распушта на 11 февруари за да може на 12 април да се одржат веќе закажаните избори, први предвремени во кои СДСМ влегува од позиција на власт.