Бизнис
14. December 2018 - 16:23

,, И од Битола се може‘‘: Порака до младите битолчани за старт на сопствен бизнис

 

Успехот не мора да се бара во странство, тој може да се постигне и тука во родниот град. Тоа го потврдува Благоја Стојчевски, млад битолчанец кој успешно од Битола ја води својата компанија за дизајн на продукти и електроника која работи на странскиот пазар.

-Секој почеток е тежок, почнуваш со некоја стратегија, учиш постапно,  некогаш дел од стратегиите мислиш дека се генијално, но не функционираат, потоа менуваш, работиш постојано. Тоа е долг процес, кој бара многу работа, вели БЛАГОЈА СТОЈЧЕВСКИ, ТЕСЛА - ТРИМОД ТИМ.

Оваа приказна е само една од петте успешни приказни за бизниси лоцирани во Битола, а кои работат за меѓународни клиенти.  Тие синоќа се презентираа пред младите битолчани под мотото „И од Битола се може(и)“ со цел младите да се охрабрат да започнат свој бизнис.

-Да се обидеме да го мотивираме градот и младите луѓе да останат тука затоа што е и моја заложба, треба да се има верба во себе и во сопствените сили, истакна АЛЕКСАНДАР ПОП РИСТОВ, INTERWORKS.

Во пелагонискиот регион има многу креативни луѓе на кои им е потребно охрабрување, велат од Фондацијата Преда Плус.

-Има интерес, има и добри идеи и им треба малку ветер во грб. Финансиите не се пресудни, ако има добра идеја, финансиери се наоѓаат, вели МАРИЈАНА МИЛЕВСКА, ДИРЕКТОР НА ПРЕДА ПЛУС ФОНДАЦИЈА ЗА ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

Повикот за апликации е дел од акцелераторската програма на ФИКТ и Преда Плус, која е поддржана од Европската Унија. Повикот е отворен до 24 декември, а ќе бидат избрани 60 млади до 35 години.