Ракомет
5. September 2017 - 12:36

И Нелоски се сели во Бундес лигата

Марко Нелоски (21) кариерата треба да ја продолжи во Бундеслигата во екипата на ХСЦ 2000 Кобург. Нелоски по завршувањето на сезоната побара да биде раскинат неговиот договор со Металург, а кога ќе бидат надминати некои административни пречки, тој ќе може да го реализира трансферот во германскиот тим.
 
Бундеслигашот ХСЦ 2000 Кобург бара замена за повредениот лев бек Том Вецел, кој најмалку шест месеци ќе отсуствува од ракометните терени. Бундеслигашот замена за Вецел најде во македонскиот репрезентативец Нелоски.
 
„Тој ги има сите предуслови да го пополни тоа место. Импресионирани сме од неговите квалитети, но постојат уште некои бирократски пречки за да се реализира трансферот. Сѐ уште нема зелено светло за реализација на трансферот“, ја пренесува infranken.de изјавата на тренерот на тимот, Јан Гор.
Интернет-страницата infranken.de за Нелоски пишува дека е млад играч со големо меѓународно искуство, односно дека во последните три сезони со Металург редовно игра во фазата по групи во Лигата на шампионите.
 
Од друга страна, според пишувањата на некои македонски медиуми, трансферот на Нелоски во Германија ќе биде реализиран во наредните денови, а ХСЦ 2000 Кобург за неговите услуги ќе плати 15.000 евра.