И ЕК сака почеток на ЕУ преговорите до крајот на јуни
За прв пат денеска Европската Комисија се изјасни за временски рок за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, за време на презентацијата на извештајот на европратеникот Илхан Ќучук, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во име на Европската Комисија се огласи еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеји попладнево во Европскиот Парламент. По воведот на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук, на неговата резолуција за земјата, Рејндерс повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.
-Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 да ги отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега е време да се испорача и официјално да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство, изјави еврокомесарот.
Тој додаде дека ова е најсилниот сигнал што ЕУ може да му го испрати на целиот Западен Балкан.
Пред два дена и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, даде временски рок кога треба да започнат преговорите со Северна Македонија и предупреди дека доколку тоа не се случи до крајот на француското претседателство ќе се отвори сериозен проблем помеѓу ЕУ и целиот регион.
До сега Европската Комисија никогаш не се изјаснуваше за рокови во однос на отпочнувањето на преговорите со Скопје и Тирана, користејќи го изразот „што е можно поскоро“.
Европската Комисија изрази подготвеност да помогне во изнаоѓање решение за надминување на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Известувачот Ќучук од своја страна предупреди дека „времето не е на ничија страна“ во овој спор.
-Ова е губитничка ситуацијата за Бугарија, за Северна Македонија и за ЕУ, порача известувачот и ги повика Скопје и Софија да најдат заеднички прифатливо решение за да може да се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе им се даде перспектива на македонските граѓани.
За Ќучук, одолговлекувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија има негативно влијание и врз геополитичкиот контекст.
Тој додаде дека ова се историски времиња кои бараат лидерски одлуки, а не следење на јавното мислење.
Извештајот на Ќучук го поздравува реформскиот напредок во земјата, со низа забелешки за состојбата со медиумите, цивилното општество, изборниот законик, меѓу другото. Најспорно во извештајот се поднесените амандмани во врска со спорот со Бугарија. Извештајот и амандманите ќе се усвојуваат утре попладне во Брисел.
Ново на Сител
-
Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев
-
Спречен нов атентат врз Зеленски, уапсен Полјак кој соработувал со Русите
-
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС - прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
-
Избрани 12 поротници за судењето против Трамп
-
Директорот на ЦИА предупредува дека Украина би можела да ја изгуби војната до крајот на годинава ако Конгресот не ја одобри помошта за неа
-
Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик
-
Притвор за еден од осомничените за кражбата на сефот од маркет во Црниче
-
ЦУК: Изминатото деноноќие 1 709 повици на 112, нема пожари на отворено