Бизнис
24. јуни 2018 - 16:47

Хуманитарен хепенинг во Градскиот парк

Добра храна, музика и убаво време. Кога на оваа комбинација ќе се додаде и хуманитарен карактер, тогаш можеме да го доловиме гурманскиот светски хепенинг, кој беше одржан во Градскиот парк во Скопје, во организација на Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори.        

Како што наведоа организаторите, целта на настанот беше промовирање на позитивните ефекти на странските инвеститори врз националната економија, како и претставување на културата на земјите од каде што потекнуваат, преку автентичните рецепти од нивните национални кујни.

На светскиот пикник присутните имаа можност да вкусат карактеристични рецепти од над десетина различни земји од каде што потекнуваат странските инвеститори во Македонија, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Покрај промоција на сопствените национални кујни, на хуманитарниот настан беа презентирани и останатите културни обележја на земјите од каде што доаѓаат странските инвеститори во земјава, како и нивната општествена одговорност во Македонија.