Балкан
6. November 2015 - 10:41

Хрватите в недела избираат нов Сабор

Во Хрватска в недела ќе се оддржат парламентарни избори на кои хрватските граѓани ќе ги избираат своите нови пратеници меѓу 2.300 кандидати предложени на 166 партиски и независни изборни листи.

Ова се осми парламентарни избори во Хрватска од 1990 година, но се први на кои гласачите ќе можат да го искористат својот преферцијален глас, односно покрај што ќе гласаат за кандидатската листа, на неа ќе можат да заокружат и име на кандидат на кои му даваат предност да биде избран за пратеник меѓу сите останати предложени кандидати. Согласно ова правило кандидатот од една листа кој ќе освои најмалку десет проценти од гласовите има предност при добивањето пратенички мандат, пред останатите од листата независно на кое место се наоѓа. 

Хрватските гласачи треба да изберат 151 пратеник во десет изборни единици во земјата, на кои ќе им се приклучат уште тројца пратеници од дијаспората и осуммина народни избраници на националните малцинства кои се избираат во посебна изборна единица.

Изборната кампања мина во традиционалните обвинувања меѓу левицата и десницата, чии несогласувања потекнуваат во бурното и често крваво минато на земјата, чии трагови се видливи до денешен ден.

Поделбата меѓу Хрватите на „партизани“ и „усташи“ води корени од периодот на Втората светска војна и постоењето на усташката Независна Држава Хрватска (НДХ). Остатоците од оваа поделба продолжуваат и денес, при што многумина екстермни десничари и националисти во земјата не сакаат да се дистанцираат од наследството на НДХ, туку напротив отворено кокетираат со него.

Во последната недела пред изборите хрватскиот премиер и лидер на Социјалдемократската партија (СДП), Зоран Милановиќ го обвини својот главен ривал, првиот човек на конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Томислав Карамарко за „здружување со црнокошулашите“, алудирајќи на лидерот на десничарскиот Хрватски демократски сојуз на Славонија и барања (ХДССБ), Бранимир Главаш, кој на еден предизборен собир минатиот месец заедно со неговите најблиски соработници се појавија облечени во црни униформи карактеристични за усташкото движење.

Втора тема која беше експлоатирана во текот на предизборната кампања беше проблемот на напливот на имигранти во Хрватска. Премиерот Милановиќ во своите настапи се трудеше  да демонстрира сочувство кон бегалците, но во исто време манифестираше цврст став и осуда кон соседните земји Унгарија и Србија за начинот на кој се справуваат со имигрантската криза, нагласувајќи дека неговата Влада „прави се за да ги заштити националните интереси на Хрватска“. 

И опозицискиот лидер Карамарко играше на картата на бегалската криза, користејќи засилена националистичка реторика, која според аналитичарите, не му донесе голем успех.

Аналитичарите нагласуваат дека до пред шест месеци Милановиќ „изгледаше политички мртов“, но благодарејќи на бегалската криза „се врати во живот и ги зголеми шансите на неговата коалиција за успех на изборите.

- Интересно беше да се гледа како сите партии се обидуваа да ја експлоатираат бегалската криза, без притоа реално да знаат како таквото однесување ќе биде примено од избирачите, смета експертот за Југоисточна Европа од Универзиетот во Кембриџ, Јосип Глаурдиќ.

Во вакви услови на крајно порализирана и поделена политичка сцена анкетите на јавното мислење предвидуваат неизвесна борба меѓу двете најголеми коалиции предводени од ХДЗ и СДП.

Последните анкети, спроведени кон крајот на минатиот месец, покажуваат дека десноцентриситчката „Патриотска коалиција“, предводена од ХДЗ во која партиципираат и Хрватската селанска партија (ХСС), Хрватската партија на правото (ХСП), Хрватската социјално-либерална партија ХСЛС и уште неколку помали демохристијански и десничарски партии, може да очекува меѓу 30,9 и 32,9 отсто од гласовите.

Од друга страна левоцентристучката коалиција „Хрватска расте“ предводена од СДП и либералната Хрватската народна партија (ХНС), според анкетите ужива поддршка на меѓу 30,1 и 31,9 проценти од избирачите. 

Далеку зад нив е новоформираната партија Мост, која ужива поддршка на меѓу 4,7 и 6,2 отсто од гласовите. На освојување места во новиот Сабор можат да се надеваат уште и партијата Одржлив развој на Хрватска (ОРаХ) која има поддршка на меѓу 2,5 и 4,4 отсто од избирачите и партијата Жив Ѕид, која може да очекува меѓу 3,4 и 3,8 проценти од гласовите. 

Ваквите резултати од анкетите укажуваат дека ниту една од двете главни коалиции најверојатно нема да освои мнозинство во Хрватскиот сабор на изборите, па затоа при формирањето на идната Влада ќе мора да бара дополнителен коалициски партнер меѓу некоја од помалите  партии.

- Кој и да победи (на изборите), несомнено ќе се соочи со тешки времиња, смета Глаурдиќ.