Македонија
5. May 2017 - 12:26

Хортикултурно се уредува центарот на Крива Паланка

Секторот „Паркови и зеленило“ при Јавно претпријатие „Комуналец“, Крива Паланка периодов работи интензивно на уредување и разубавување на реонот на централното градско подрачје на Крива Планака и градскиот кеј, по течението на двата брега на Крива Река.

- Работиме на изготвување украсни цветни форми кои се поставени на повеќе локации низ градот и околината. Имаме направено два лебеди, два штрка, шешир, цветна коцка и други, кои веќе се засадени со сезонски цвеќиња и се очекува по расцветување на истите овие форми да го добијат својот вистински лик, информира раководителот на секторот, Драги Пејчиновски.

Во завршна фаза е изработката на импровизираниот водопад кој ќе истекува од автентичната фонтана од градскиот парк во самиот кеј на Крива река.

- Водопадот ќе дотекува во импровизирано езерце, каде преку пумпи истата вода ќе се враќа во двете фонтани и водопадот. Нема да се прават дополнителни трошоци или загуби на вода, а фонтаната и водопадот ќе бидат осветлени со светлечки ламби во боја што ќе му дава особен белег на овој дел од шеталиштето долж новоизградената пешачка т.н. „Пазарска патека“, додаде Пејчиновски.

Се работи и на озеленување на површината на левата страна на мајор коритото на Крива Река, каде до средината на месецов ќе бидат поставени и клупи на неколку однапред утврдени локации.

- Имаме засадено околу четири илјади цвеќиња на подрачјето на Крива Паланка во периодот декември 2016 - јануари 2017. Сега постојните лалиња, љубичици и други, се заменуваат со сезонски цвеќиња кои ги произведуваме во нашите оранжерии: таргетис, вербена, питунии, хризантеми, винка, бегонии и останати видови кои во текот на годината во три турнуси ги расадуваме низ градот. Овие цвеќиња се одгледуваат од семе од Холандија до расад, а годишно таа бројка изнесува околу 25.000 корени цвеќе. Имаме многу работа периодов и ангажирани се и повеќе лица од социјално-ранлиив категории кои оставруваат одреден приход како сезонски работници, потенцира Пејчиновски.

ЈП „Комуналец“ го одржува и граничниот премин со Република Бугарија, Деве Баир, каде покрај обврската за отстранување смет, како што рече тој, се изработуваат повеќе цветни декорации, хортикултурно се уредуваат неколку површини, а се монтираат и држачи за саксии за поставување цвеќе на канделабрите.