Македонија
24. November 2016 - 14:18

„Хил“: Македонија е отворена за бизнис

Република Македонија со мерките за поддршка на економијата и даночните политики успеа да се промовира себе си во одлична бизнис дестинација, со голем економски потенцијал, оценува угледниот бизнис аналитичар, Паскал Хјуз, во колумната објавена во американскиот магазин „Хил“.

Според Хјуз, иако пред само десетина години Македонија се соочуваше со највисока стапка на невработеност во Европа, со даноци кои беа меѓу највисоките во регионот и неповолна бизнис клима, успеа да се трансформира во земја во која невработеноста се намалила за повеќе од 10 проценти, даноците се најконкурентни во целиот свет, а туризмот се повеќе се развива. Притоа, како што истакнува Хјуз, се тоа земјава го постигнала во услови на сериозна политичка криза.

- Фокусирајќи се на мерките за поддршка на домашната економија, Владата во Македонија привлече странски инвестиции, се отворија нови фабрики и се создаде поволна бизнис клима. Со ова се создадоа нови 160.000 работни места што значително влијаеше врз населението од два милиона луѓе. Невработеноста се уште е премногу висока, но траекторијата е неверојатно позитивна – намалување од 24 проценти во споредба со претходните 38 проценти, наведува Хјуз.

Според него, таквите економски резултати во голем дел се должат на промените во даночната политика. Просечната даночна стапка во земјава сега е 7,4 проценти со што, наведува Хјуз, Македонија е глобален лидер и е единствената земја во светот со општа бизнис даночна стапка пониска од 10 проценти.

- Покрај можноста лесно да тргува со Европа која се уште не е ограничена со даночниот режим на ЕУ, Македонија воведе најниски даночни стапки во регионот преку исклучителен систем на рамен и низок персонален данок на доход и корпоративен данок со што им ја понуди можноста на компаниите кои го реинвестираат својот профит да платат нула проценти данок. На сличен начин, Владата го намали ДДВ во неколку сектори од 18 до 15 проценти, со цел да го поттикне развојот на економијата, посочува Хјуз.

Оваа енергија, додава тој, ги создаде промените, а секој кој го следел Си-Ен-Ен и ударните известувања за изборите на САД,  особено ноќта по изборите, ги гледал и редовните реклами “Инвест Маседониа”.

- Овој мудар потег на маркетингот е со цел да и помогне на земјата да привлече нова светска  публика. А светската бизнис публика и треба да ги забележи. Првите храбри компании почнаа да се ја заземаат оваа територија, одлучија да отворат фабрики и производствени линии и да ги искористат вештините на високо-квалификуваната, посветена работна сила. Големите инвестиции се на компаниите со седиште во Германија, Велика Британија, Америка, Кина и Јапонија. Големо прашање е, кој инвеститор ќе биде следниот, вели аналитичарот Хјуз според кого Македонија веќе се наоѓа во период во кој ја очекува возбудлива и просперитетна иднина.

Паскал Хјуз е еминентен економист, кој во моментов е генерален директор на „Дорман Лонг Енџиниринг“,  околу 20 години работел во „Инвестмент бенкинг“ во Лондон. Претходно бил на позицијата управен директор за фиксен приход, валути и стоки во „ЈУ-БИ-СИ бенк“ и извршен директор за глобално банкарство и пазари во „ЕЈЧ-ЕС-БИ-СИ“. Кариерата ја почнал во „Дојче банк“ во 1994 година, каде што работел 10 години.