Балкан
30. March 2016 - 19:37

Хан бара итни реформи во правосудството во Албанија

Европскиот комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан денеска во Тирана имаше средби со албанскиот државен врв во рамките на состаноците на високо ниво Албанија-ЕУ, јави дописникот на МИА.

На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Хан изјави дека Албанија под итно треба да спроведе реформа во правосудството.

- За законот за лустрација треба да бидеме јасни дека законодавството треба брзо да се спроведе и тоа на потребниот начин, рече Хан.

Осврнувајќи се на предпристапните преговори на Албанија со ЕУ, Хан нагласи дека засега не е одреден датум за отпочнување на разговорите за членство.

- Мажам да ви ја кажам вистината дека ова беше еден продуктивен дијалог со размена на идеи, не само со премиерот, туку и со претставниците на опозицијата. Имаме една жива дискусија, вака треба да биде со вклучување и на граѓанскиот сектор, но на крај да биде јасно дека европската иднина на Албанија е од национален интерес на земјата, бидејќи станува збор за европска перспектива на земјата, изјави Хан.

Хан денеска во Тирана се сретна и со шефот на државата Бујар Нишани, со министерката за евроитеграции Клајда Ѓоша, како и со лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша.

Со присуство и на претставници на опозицијата одржана е и средба во рамките на дијалогот ЕУ-Албанија, на која премиерот Рама изјави дека интеграцијата на земјата е заедничка цел на власта и опозицијата.

Според дел од албанските медиуми, и покрај заедничката средба со власта и опозицијата, Хан не успеал „да го стопи мразот“ меѓу двете страни.