Македонија
21. January 2023 - 16:38

Хакирана страницата на скопската мисија на ОБСЕ - има ли МНР надлежност како претседавач?

Под напад е страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Од вчеравечер Фејсбук страната е преименувана и променета профилната слика. На последната објава стои број под кој пишува дека се нудат сексуални услуги.

Од организацијата на Твитер потврдија дека Фејсбук-страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е хакирана.

- Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ, пишува во нивната објава.

Случајот не е пријавен во МВР. Неофицијално, ОБСЕ има свои безбедносни протоколи по кои постапува и за хакирањето, од канцеларијата во Скопје е пријавено во седиштето на ОБСЕ во Виена.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Владата потрошила 5 милиони евра за да добијат виетнамски хотлајн.

„Срамота е кога претседаваме со Организацијата за безбедност и соработка во Европа да имаме нарушена безбедност. Ковачевски и Османи не можат да обезбедат, ниту една фејсбук страница, а не пак нешто повеќе. На што троши власта 5 милиони евра, кога државата се брука на секој чекор?“ - обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова одоговорија од МНР и велат дека обвинувањата на нивна адреса се неосновани бидејќи тие не ги менаџираат страниците на ОБСЕ.

„Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партијата нема основни познавања за тоа кои се одговорностите и ингеренциите на Претседателството или намерно шири невистини со цел да наштети на оваа важна меѓународна улога на државата“, одговорија од МНР.

Од почетокот на годинава Македонија претседава со ОБСЕ во текот на цела 2023 година под слоганот „За луѓето се работи“. Хакерскиот напад се случува неколку дена откако министерот за надворешни работи Бујар Османи како претседавач со ОБСЕ беше во посета на Украина каде посети неколку гранатирани градови, а во Киев оствари средба со претседателот Володомир Зеленски.