Македонија
1. December 2017 - 16:03

Група од 50 волонтери од Мировниот корпус положија заклетва

Педесет американски волонтери на Мировниот корпус во Македонија денеска положија заклетва. Ова е најголемата група волонтери во историјата на Мировниот корпус во Македонија.

Овие Американци и се приклучија на групата од повеќе од 700 американски граѓани кои служеле во Македонија од 1996 година.

- Волонтерите, не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Македонија да го понуди на светот и на Соединетите Американски Држави, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето, истакна американскиот амбасадор Џес Л. Бејли, кој присуствуваше на свеченоста.

Како дел од подготвителната обука, волонтерите живееја во семејства-домаќини, изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и култура. Тие имаа и практична обука, предавајќи во локалните училишта и помагајќи во локалните невладините организации.

Американските волонтери имаат работено во речиси сите општини во Македонија, соработувајќи со повеќе од 500 наставници, учејќи повеќе од 100.000 ученици и работејќи во партнерство со повеќе од 400 организации. Имаат организирано над 20 младински кампови, како и над 100 мали проекти.

Мировниот Корпус е основан 1961 година од претседателот Џон Ф. Кенеди.