Бизнис
25. May 2017 - 17:32

Груевски: Се градат 200 километри примарен гасовод

Изградбата намагистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола е во тек. Почна на почетокот на годинава и веќе е во длабока фаза на градба. Се работи со полна пареа и нема никакви застои, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Ресен.

Груевски информира дека овој проект се работи дури и малку побрзо од предвиденото. Планот е некаде до крајот на следната година да се заврши. Се работи за 92 километри гасовод којшто е многу голем и значаен за овој регион.

- Се работи на уште два примарни гасоводи Скопје – Тетово – Гостивар и Штип – Неготино. Паралелно се работи на сите три. Севкупно имаме 200 километри примарен гасовод кој во моментов се гради. На овие три примарни гасоводи инвестицијата е над 80 милиони евра. Само инвестицијата помеѓу Неготино – Прилеп - Битола е околу 37 милиони евра, а севкупно сите три гасоводи се 80 милиони евра, рече Груевски.

Тој нагласи дека конкрајот на следната година Прилеп, Битола и сите населени места помеѓу нив ќе добијат природен гас и за домаќинствата и за индустријата.

Тој информира дека во меѓувреме тече и меѓународниот повик за изнаоѓање концесионер за секундарната гасификација и додаде оти има многу заинтересирани, а најмалку три или четири се сериозно заинтересирани. Овој пат, како што рече, е доста извесно дека ќе успее затоа што овој меѓународен повик е со далеку подобрени услови отколку што беше претходниот.

- Поучени од слабостите на претходниот, сега се драстично подобрени условите и самите компании кажуваат дека ќе конкурираат и оти се многу заинтересирани и им одговараат сегашните услови. Тоа значи дека паралелно со градбата на примарниот гасовод ќе се гради и секундарниот гасовод. Некаде кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 Македонија ќе има и примарни и секундарни гасоводи, нагласи Груевски.