Бизнис
19. May 2016 - 14:15

Груевски: Почнува реализацијата на ветената инвестиција во Струмица

Инвестицијата на Џонсон контролс, која денеска почна да се реализира во Струмица, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, е значајна и ќе отвори најмалку 1.500 работни места во овој регион и дополнително повеќе индиректни вработувања.

- Ова е многу значајна инвестиција за Струмица. Прва од ваков поголем вид на која многу работевме како економски тим во Владата. Минатата година ја ветив тука во Струмица и еве сега почнува реализацијата на делот што е грин филд, односно на изградба на нова фабрика во која треба да се вработат 1.500 луѓе како директни вработувања и голем број луѓе како индиректни вработувања, изјави Груевски и додаде дека ова е инвестиција од 20 милиони евра која ќе значи сериозна помош за луѓето што се без работа во овој регион на Струмица, но и пошироко.

Како што додаде, првите 1.300 вработувања треба да се реализираат до првиот квартал од следната година, кога се очекува да заврши изградбата на објектот, а потоа уште останатите 200.

Груевски очекува оваа компанија да го надмине бројот на планирани вработувања, како што се случило и во фабриките во Скопје и Штип.

- Често пати оваа компанија знае да го надмине бројот на планирани вработувања, каков што е случајот и во Скопје и во Штип, така што нема да бидам изненаден ако се случи наместо 1.500 да дојдат 1.800 или можеби и до 2.000 и плус оние индиректни вработувања кои секогаш доаѓаат со еден ваков голем конгломерат, рече Груевски кој денеска присуствуваше на означувањето на почетокот на изградбата на фабриката во ТИРЗ во Струмица.