Бизнис
25. April 2017 - 16:17

Груевски најави влез на нова странска инвестиција - Американска компанија ќе отвори 300 работни места

Американска компанија од медицинската индустрија  ќе инвестира во Кривогаштани, прилепско. Ќе биде лоцирана во браунфилд објект, кој веќе го адаптираат, реновираат и опремуваат. Се очекува да почнат со работа најдоцна за два месеци и за почеток ќе вработат 300 лица, најави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски

-Освен оние две инвестиции кои неодамна ги објавивме, едната во Желино во потенцијални 350 вработувања и едната во Скопје во рамките на поранешната фабрика Охис со 200 вработувања, има веќе донесена одлука и купена опрема за отворање на нова фабрика во делот на медицинската индустрија во општина Кривогаштани. Се работи за инвестиција на американски инвеститори кои веќе најдоа браунфилд објект, го реновираат и адаптираат, ги прибавуваат потребните дозволи, ја набавија опремата и очекувањата се дека најдоцна за два месеци од сега, а може и порано, ќе започнат со работа и ќе вработат околу 300 луѓе. Заедно со претходни 550 вработувања, тоа се нови 850 директни нови работни места во услови на тешка криза, во услови на напори на СДСМ во секој поглед да ја закочи државата, истакна Груевски.

Груевски потенцира дека  се преговара за влез и на други инвеститори. Според него, политичката криза  која ја предизвика СДСМ,  спречила дел од нив да ја реализираат својата одлука за вложување, но задоволен е што  напорите на владините институции даваат ефект. Последните три најавени инвестиции во изминативе два месеци ќе отворат вкупно 850 нови работни места и тоа во услови на тешка политичка криза.