Македонија
16. May 2017 - 15:03

Груевски: На 15 октомври со локалните да се одржат и парламентарни избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска ја повтори заложбата заедно со локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни избори на кои, како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победничка партија.

Апелира на 15 октомври, датумот за кој претставниците на политичките партии се согласија да се одржат локалните избори, да се органиизраат предвремени парламентарни избори. 

- Претставниците на политичките партии се договорени локалните избори да се одржат на 15 октомври годинава. Се надевам дека СДСМ овој пат нема да промени и отстапи нешто како што тоа знаеше да го прави често во минатото. Кога ќе видат дека губат, па да пролонгираат и да бараат и алиби. И се надевам дека ќе размислат уште еднаш за предвремени парламентарни избори кое беше и останува наше барање со кое ќе се разјаснат многу работи на политичката сцена што се случија по изборите и со кои ќе се даде можност на граѓаните да го кажат својот став за она што го правеше и СДСМ и ВМРО во периодот после изборите, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Кисела Вода.

Верувам, додаде, дека работите ќе се одвиваат во добар правец. Петнаесетти октомври е најблискиот рок што СДСМ можеше да го прифати во разговорите и се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија на овие парламентарни избори ќе излезе повторно како победничка на локалните, рече Груевски.