Македонија
7. December 2016 - 19:54

Груевски: На 11 декември победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на Македонија и сите граѓани

Остануваат уште два дена и кампањата завршува, а во недела гласање и масовно референдумско, историско излегување на избори и казнување на се она што во овие две и пол години ни го прави СДСМ, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатска листа во ИЕ 4 Никола Груевски вечерва на митинг во скопско Ѓорче Петров.

Груевски потенцира дека победата на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде само победа на ВМРО, туку победа на Македонија и сите граѓани. - Народот, како што рече, гласа со разум зашто народот си ја сака оваа држава и нема да дозволи да се прокоцка она што го градел  со векови.

Порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има победа на 11 декември, но, како што потенцира, многу е важно за да заврши кризата, ВМРО-ДПМНЕ да има многу убедлива победа со 63 пратеници за да се стави крај на сите уцени и да се испрати пораки не само до Заев, туку и до неговите сценаристи.

- Заев мислеше дека народот нема капацитет да процени што значи за Македонија двојазничност, промена на Уставот во таа насока, што значи рушење на рамките на Рамковниот договор и што значи кантонизација на Македонија. Одеше на картата дека луѓето не се толку политички образовани, но народот е многу попаметен од тоа што тој мисли, рече Груевски на митингот и додаде дека на овие избори народот ќе си го каже своето.

Се нудат, вели, две различни концепции, едната што смета на народот и се потпира на него, внимава што ќе му каже и друга што го смета за средства што на изборите треба да му обезбеди победа и толку.

Посочувајќи дека во следниот мандат ќе се фокусираат на она што граѓаните го заслужуваат, рече дека во програмата е предвидено платите да растат, пензиите да растат, ќе се отворат нови работни места, ќе расте минималната плата, социјалната помош, ќе се реализира проектот Рурални развојни зони, ќе се обезбедат нови средства за македонските компании, нови детски градинки, училишта, нови спортски сали, системско решение за вработување на најдобрите студенти, ќе продолжи  проектот Купи куќа за млади до 35 години, и нов проект за лицата од 36 нагоре, потоа мерки за промена на возниот парк, изградба на водовдни и канализациски системи...

- Секој еден пред да гласа, пред се оние кои се уште се колебаат или се нешто разочарани да си го постават прашањето кој за мене може да направи подобро. Кој може да биде подобар за економијата, да отвори нови работни места. ВМРО или СДСМ. Кој подобро ќе се справи со безбедносни проблеми..., рече Груевски и додаде дека секој граѓанин треба да донесе одлука која е најдобра за него.

Пред присутните се обрати и носителот на кандидатската листа во ИЕ 2 Никола Тодоров кој потенцира дека партијата и коалицијата „За подобра Македонија“ ја има најдобрата програма со стотици проекти за подобар живот, подобри град и село за Македонија која оди напред.

 -  Важно е да имаш програма, но уште поважно е да има гаранција дека таа ќе се рализира. Наша гаранција за тоа е нашиот отчет. Тоа се проектите што сме ги реализирале и спровеле. Гарант е дека ВМРО-ДПМНЕ може достоинствено да застане и да каже што сме реализирале и да ветиме проекти што ќе ги реализираме, истакна Тодоров, кој додаде дека се предвидени многу проекти и за Ѓорче Петров.

На митингот  по покана на лидеот на ВМРО-ДПМНЕ присутвуваше Мишел Воасин од Републиканската партија на Франција, кој е и пратеник во Франција.

Тој од името на Републиканската партија на Франција искажа целосна поддршка на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Дојдов овде за да им кажам на ВМРО-ДПМНЕ и на вашиот лидер Груевски како Републиканска партија дека сме тука и ќе ви дадеме целосна поддршка за вашата кампања, рече Воасин.

Додаде дека како партии ги споделуваат истите вредности и оти Републиканската партија ќе направи се за Македонија да влезе во евроатланските стурктури и да ги поддржи аспирациите за влез во НАТО.

- Ќе направиме се за вие и другите генерации да бидат дел од Европа која ќе биде простор на мир, порача Воасин.

На митингот во Ѓорче Петров се обратија повеќе кандидати за пратеници од оваа Изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии.