Македонија
18. October 2015 - 16:24

Груевски: Ќе се градат нов геријатриски центар и дом за стари лица

Изградба на геријатриски центар и дом за стари лица, најави премиерот Никола Груевски. Новиот објектот за геријатрија и палијативна грижа на тешко болните ќе биде сместен во Ѓорче Петров, а се планира вакви установи да се отворат и во други градови во Македонија.

- Сето ова, се проекти коишто сега ги започнуваме што значи следуваат освен наоѓање на земјиштето за некои е најдено, за некои е во тек идејно решение, основен проект, јавен повик за изнаоѓање изведувачи за градба, па градба. Додаде дека во текот на следната година би требало голем дел од нив да започнат со градба, некаде во 2017 година значаен дел од нив да се готови, освен оние коишто се во фази и кои ќе бидат до крајот на 2017 година, изјави во интервју за Канал5 Премиерот Никола Груевски.

Неодамна најавениот државен дом за стари лица со ниски пензии ќе биде сместен во Гази Баба. Во три фази ќе се градат три одделни згради со по 170 легла.

- Првата ќе почне во текот на следната година, значи некаде втората половина од следната година ќе почне градбата, во меѓувреме проектирање на идеен проект, основен проект и се што е потребно. Имаме најдено земјиште од 2.500 метри квадратни што е сосема доволно за три вакви објекти во Гази Баба. И следната година ја почнуваме првата фаза. Штом ја завршиме првата фаза одиме на втората и кога ќе ја завршиме втората одиме на третата и од прилика во сите три ќе има по 170, со тоа ќе се дуплира капацитетот на легла во домови за стари лица, рече Груевски.

Премиерот додаде дека како Влада продолжуваат да даваат поволности и да го охрабруваат отворањето на приватни старски домови, но биле свесни дека дел од повозрасните лица имаат помали пензии кои не се доволни за сместување во приватните домови и затоа била донесена одлука за изградба на државен дом. Во меѓувреме како што најави Груевски ќе се продолжат активностите нови домови за стари лица и детски градинки да се градат и во други градови во земјава.