Груевски: Ќе продолжиме да создаваме светла иднина за Република Македонија
Народот ќе гласа против СДСМ и помрачувањето. Тоа ќе биде почеток на завршување на помрачувањето и ќе биде почеток на одбројувањето на времето за предвремени парламентарни избори во Република Македонија со коишто ќе започне новата ера, новото утро за Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на митингот во општина Ѓорче Петров.
Притоа објасни што е помрачувањето кое, како што рече, во последните четири месеци се гледа во многу форми - измами, штетни договори, зборување за реформи кои ги нема, правење чекори и политики спротивни на волјата на народот, секојдневна демонстрација на незаконско работење.
- Незаконско работење. Секојдневна демонстрација на сила и насилие. Кривични пријави за над 10 кандидати за градоначалници. Пукања и ранети кандидати за градоначалници. Претепување на кандидати со шипки и со боксови, рече Груевски и додаде дека нападите и предизборните инциденти покажуваат оти ВМРО-ДПМНЕ е вистинската гаранција за демократијата и дека луѓето кои живеат во Македонија, како што рече, не се обврзани да го толерираат помрачувањето.
- Нема да дозволиме да ја помрачат светлата иднина на нашата нација и на оваа држава. Покрај помрачувањето, покрај сите пречки, ние ќе продолжиме да работиме за создавање светла иднина за Република Македонија. Ние како целина, граѓаните на оваа држава, ќе работиме заедно во креирање на нова ера и на овие напади и пречки ќе им дојде крајот, нашата цел е побогата и посреќна Македонија, рече Груевски.
Вети дека во следната декада невработеноста ќе се намали на под 10 проценти, дека ќе бидат отворени најмалку 150.000 нови работни места, како и инвестиции во екологијата и енергетиката.
Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Владо Мисајловски рече дека и покрај пожарот што на денеска ја зафатил неговата семејна куќа, тој е среќен човек затоа што има многу пријатели што, рече, е непроценливо.
За нивните политички противници рече дека имаат три проекти - воздух, ветер и магла и дека на 15 октомври ќе доживеат тежок дебакл. - Ја имаме една од најдобрите програми за Ѓорче Петров. Имаме многу конкретни проекти за секое населено место, додаде Мисајловски.
- Ќе започнам уште веднаш со асфалтирање на преку 100 улици во сите населени места. Заедно со Коце Трајановски ветуваме дека ќе изградиме нов кружен тек на булеварот „Македонска војска“ и улицата „Ѓорче Петров“. Ќе ги реконструираме улиците Геров и Волковска, Ѓорче Петров и Борис Сарафов, како и главната улица во Волково, рече Мисајловски, додавајќи дека ќе ги заврши проектите што ги почнал како министер за транспорт и врски, а кои сега, рече, се прекинати поради проблеми со сегашната власт.
- Ќе изградиме и пумпна станица и резервоар и трајно ќе го решиме снабдувањето со вода во високата зона во Ѓорче Петров. Ќе изградиме колектор за фекални и атмосферски води долж улицата Радушка, систем за наводнување во Ново Село и Бардовци преку чистење на каналите на река Лепенец заедно со градот Скопје, рече Мисајловски, кој на своите сожители им вети и обнова на уличното осветлување во цела општина, нов, модерен парк, две нови градинки - во Волково и Ново Село, игралишта и можност младите да градат куќи на земјиште по цена од едно евро за метар квадратен.
Ново на Сител
-
Курти: Неизрекувањето санкции ја охрабрува агресивноста на Србија
-
Министерот Тошковски во посета на ОВР Кичево и полициските одделенија Зајас и Осломеј
-
Украден сеф со пари од менувачница во Чаир
-
Две жени пријавиле семејно насилство, едната од сегашниот другата од поранешниот сопруг
-
МЗ: Позитивен став кон приватните специјализанти, но решение после изборите
-
Трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена двегодишната Данка издадени на вештачење
-
Виничанец починал во дворот на сограѓанин
-
Кривични пријави против три лица од Тетово за вршење јавен превоз без лиценца