Македонија
19. September 2019 - 16:08

Груевски го одложи судењето за „Талир 2“, адвокатите ја спорат надлежноста на јавното обвинителство за случаите од бомбите

Пренесувањето на надлежноста на предметите од СЈО го одложи судењето за изградбата на партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.. Адвокатот на обвинетиот Никола Груевски, рече дека имал полномошно за случај кој го водело специјалното обвинителство а не основното, па побара за тоа да го извести својот клиент.. Бранителот Донче Наков, рече дека во текот на вчерашниот ден се обидел да го контактира Никола Груевски но не успеал, па за денешното судење не знае дали полномошното му дозволува да го брани Груевски во предмет што го води Основното јавно обвинителство.. 

„Укажав дека немам полномошно за конкретниот предмет и барам да го известам клиентот. Политиката и правната гимнастика доведе до тоа правото да може да се добие само надвор од државата“, рече Наков.. 

Во „Талир 2“, на обвинителна клупа седи и поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски.. Неговите адвокати сметаат дека не може редовното обвинителство да го преземе предметот бидејќи законот за СЈО се уште важи и единствено специјалното обвинителство е надлежно за случајот.. Ваквите барања, го одложија судењето за 15-ти идниот месец.. Судијката Даниела Алексовска Стојановска побара до тој рок бранителот на Груевски да обезбеди полномошно од својот клиент.. Адвокатите не добија објаснување од судот кое обвинителство ја има надлежноста да го застапува предметот..

Обвинението против Груевски и Божиновски го застапува Ленче Ристоска.. На почетокот од судењето рече дека сега наместо од СЈО, има овластување од Јавното обвинителство..  Не сакаше да одговара на новинарските прашања - За тоа надлежна била прес службата во обвинителството..

Според обвинението, Груевски и Божиновски се теретат за злоупотреба на службената положба при изградбата на партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ..