Македонија
1. јуни 2017 - 19:43

Груевски бара одговорност за нападот врз Тодоров

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека денеска се случил обид за атентат врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој според него, бил недвосмислен, свиреп и со умисла. Тој побара одговорност не само од извршителот туку, како што кажа и од поттикнувачите на ваквата атмосфера во општеството. 

- Пукано е од непосредна близина во главата на Никола Тодоров. Присебноста и брзата реакција во дел од секундата го спасија Тодоров од првиот испукан куршум, а реакцијата на полицијата од вториот испукан куршум. Тие делови од секундата одлучија Тодоров да е жив, а неговите две деца да не се сираци, рече Груевски на прес-конференција. 

Според него, овој обид за убиство не дојде ниту случајно ниту без подготовка на атмосфера за тоа.

- СДСМ, Зоран Заев, куп НВО финасирани од Соросовите инсталации, шарената платеничка револуција цели три години градат атмосфера за ова денес да се случи. И се со единствена цел, СДСМ да дојде на власт, Зоран Заев да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ да се испрати во опозиција и по можност да се уништи, рече Груевски. Обвини дека во изминатите три години се фрлаат етикети, лажни обвинувања, се манипулира со се што работеле. 

- Со лажни информаци се создаваше хистерија, и се користеа сите методи за наше оцрнување и прикажување во најцрно светло, рече Груевски, кој потенцираше дека денешниот обид за убиство не бил случаен.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нападот бил подготвуван бидејќи денеска било трагано по Тодоров со одење во неговиот дом, и веќе е јасно, како што кажа, дека е политички поттикнато со градење атмосфера против поранешниот министер. Од 2014-та, посочи тој, СДСМ, Заев, НВО, претставниците на Шарената револуција, дел од новинарите, како што кажа Груевски, Тодоров, кој чесно и одговорно си ја извршувал својата функција, го нарекуваа „министер за смрт“. 

Потсети исто така дека пред околу две недели во домот на родителите на Антонијо Милошоски, беше пронајдена бомба, која не експлодирала како што некој тоа го планирал. Пред неколку дена, рече Груевски, во влез во зградата каде живее Гордана Јанкуловска, непознати лица влегле и го демолирале нејзиниот автомобил, очигледно како порака од некого.

- Вакво однесување СДСМ имаа и кога дојдоа на власт во 2002-та, кога вечерта по објавување на резултатите, во возилото во кое се движев беше испукан куршум, кој за среќа не ме погоди. Сторителот не се најде тогаш. Сторителот не е најден ни во случајот со поставената бомба во дворот на родителите на Антонијо Милошоски. За среќа, денешниот сторител е совладан од полицијата на лице место. Се прашувам, дали за ова се бореа сите подржувачи на СДСМ, и оние однатре и оние однадвор, рече Груевски.  

ВМРО-ДПМНЕ, оцени нејзиниот претседател е под напад, под оган од сите страни и со сите средства.

- Ова е хајка и поттикнување одмазнички акции. Очигледно вака ја замислува демократијата СДСМ. Ова е срам за државата, срам за демократијата и за ова како поттикнувачи своја вина носат сите оние кои ја потпалуваа атмосферата, рече Груевски.  

Напомена исто така дека повеќемина од раковоството на ВМРО-ДПМНЕ се под закана. - Јас лично и моето семејство подолг период сме под јавна закана од повеќе страни, тргнувајќи од соопштенијата на ОНА, па преку разни криминални и политичко новинарски структури кои објавуваат статии како го замислувале моето убиство и погреб. 
Инспиратор, мотиватор, подготвувач на оваа атмосфера е тој кој три години во немоќ по нормален пат да дојде на власт ја гради. За тоа ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност. Одговорност и од сторителот, но и од поттикнувачите, рече Груевски. 

Овој случај, додаде, нема да не заплаши ниту ќе не премисли во нашето делување.