Македонија
31. December 2015 - 16:15

Груевски: 2016 ќе биде година на народот, тој ќе одлучува

Во 2015 година се случи најголемата политичка криза во историјата на независна Македонија. 2016тата ќе биде годината во која граѓаните ќе ја решат кризата од 2015 на изборите кои ќе се одржат во април, истакна премиерот Никола Груевски во своето предновогодишно обраќање.

“Во 2016 година вие граѓаните ќе ја решите 2015 година. 2016 година е година на народот, година кога народот на фер и демократски избори на 24ти април, ќе ја соопшти својата одлука и ќе ја прати својата порака. Изборите во април ќе стават крај на оваа тешко време, а вие граѓаните ќе одлучите. Никој друг, туку вие граѓаните.   Изборите во април ќе бидат и своевидна порака до сите политичари и лица или структури и организации кои директно, индиректно, или само како набљудувачи биле и се вклучени во сите случувања кои ги доживеавме и преживеавме заеднички изминатава година“

Освен на граѓаните премиерот и ја честа новата година и на опозицијата. Им посака добро здравје и им порача да не бегаат од народот и соочување на избори. Потенцираше дека тој прв ја подржува одлуката на овие и на сите наредни избори премиерот да се повлекува пред изборите за така да обезбеди еднакви шанси. “Не смее да се дозволи алиби за некој да избега од избори“, поентираше премиерот.

Груевски потсети и на кумановските настани во кои полицијата спречи сериозни терористички напади над Македонија. Во новогодишниот говор, Груевски им оддаде почит на загинатите специјалци.

“Тие 8 полицајци Македонија вечно ќе ги памети и ќе ги уважува на единствениот начин на кој што заслужуваат – како херои. За овој темен политички контекст и сите пропратни манипулации и случувања во оваа година нема да одам во детали во денешново обраќање до вас – вие ја живеевте таа година. Вие имате совршена проценка за секој еден момент од 2015 година, вие сте свесни, слободни и слободоумни граѓани“.

Јас нема да објаснувам што се случуваше во изминатава година на политички план, бидејќи вие граѓаните бевте сведоци на се, се гледавте, имавте многу информации и извлековте многу заклучоци. Токму затоа априлските избори ќе бидат најважната точка во напредокот на Македонија – порача премиерот.