Кошарка
15. September 2015 - 12:44

Грците оптимисти против Шпанија

На Европското првенство во кошарка, во вторник ќе се одиграат првите две четвртфинални средби. Шлагерот на оваа фаза е дуелот помеѓу Шпанија и Грција, додека во вториот меч домаќинот и актуелен шампион Франција ќе игра против Летонија.
 
Грција е една од трите репрезентации, покрај Србија и Франција, која во досегашниот дел од турнирот има максимален учинок. Грците, во Б групата лесно се справија со сите противници, исклучок е мечот со Хрватска кој го добија со добра игра во последните пет минути.
 
Шпанија од друга страна во првата фаза играше во Ц групата и имаше учинок од три победи и два порази (Србија, Италија). Шпанците пред и за време шампионатот се соочуваат со големи кадровски проблеми, ЕП го пропуштаат Наваро, Марк Гасол, Рубио и Калдерон, во осминафиналето против Полска на теренот го немаше Руди Фернандез кој има повреда на грбот, а на претпоследниот тренинг пред мечот со Грција селекторот Скариоло имаше само четворица играчи.
 
„Не мора многу да се говори кога се во прашање ваквите натпревари, победа ќе значи дека ќе се бориме за медал. Ние сме подготвени, верувајте дека Гасол нема да ни биде единствениот проблем. Шпанија има талентиран тим, не можете да се фокусирате само на еден играч, доколку тоа го направите другите ќе ве ‘убијат’. Треба да играме добро во одбраната и да ја контролираме скок играта“, рекол крилниот кошаркар на Грција Костас Папаниколау кој на ова ЕП го загуби своето место во петорката од Јанис Адетокумбо и има скромен учинок на претходните шест натпревари од 1,8 поени и 1,4 скока.
 
Ветеранот Пау Гасол е движечката сила на Шпанија на ЕП, 35-годишниот крилен центар го игра најдобриот турнир во кариерата, статистички тој е најкорисниот играч во досегашниот тек на ЕП со просечни по натпревар 23 поени, 7,8 скока и три асистенции.
 
„Ако одиграме добро нема да биде доволно, против Грција мора да одиграме одлично. Ние сме екипа која досега постигнала најмногу поени, но Грција е еден силен тим кој игра добра одбрана и мора да се подготвиме да одиграме на мал број на поени. Ние досега дефанзивно одигравме коректно, но имавме и некои големи падови, тоа против Грција не смееме да си го дозволиме“, рекол шпанскиот селектор Серџо Скариоло.
 
Стадионот во Лил максимално ќе биде исполнет кога ‘триколорите’ ќе излезат на мегдан со Летонија. Франција е асолутен фаворит и евентуална победа на Летонците би претставувала една од најголемите сензации во историјата на ЕП-а, сензација која би била во рангот на онаа кога Србија и Црна Гора како домаќин во 2005 година не ја мина првата фаза.
 
Французите се свесни дека се фаворити, но и знаат што ги очекува доколку потценат една добра шутерска репрезентација каква што е летонската.
 
„Добро ги познаваме, ни беа противници на претходните три ЕП-а. Мислам дека сега се уште поопасни, се држат до својот стил на игра, знаат да одиграат фантастично, мора да играме добро во одбраната. Победа ќе ни обезбеди барем пласман на квалификациски турнир за ОИ“, изјавил францускиот репрезентативец Борис Диао.
 
„Салата ќе биде полна и тоа е совршено, најдобро чувство за секој играч, иако нема да навиваат за нас. Се радувам што ќе играм против еден Тони Паркер. Ние во мечот со Франција нема што да загубиме, секако дека сме аутсајдери, но мора да излеземе и да се бориме. Во првата фаза во Летонија не игравме добро и логично е што луѓето беа разочарани. Но во осминафиналето покажавме карактер, ја најдовме тимската хемија. Некогаш се караме меѓусебе, но последните денови се сетивме дека можеме да разговараме едни со други и дека сме еден тим“, изјавил еден од најдобрите летнонски играчи Јанис Стрелнијекс.
 
Четвртфиналната програма на ЕП ќе ја отворат Грција и Шпанија (18.30 ч), а потоа следува мечот Франција-Летонија (21 ч). Во среда во истите термини ќе играат Србија-Чешка и Италија-Литванија.