Балкан
22. August 2015 - 12:35

Грција со фериботи превезува стотици бегалци од островите кон континенталниот дел на земјата

Грција превезува со фериботи стотици бегалци од островите кон копното на земјата за да се намали притисокот врз островите, каде има илјадници имигранти кои бегаат од граѓанската војна во Сирија, пренесува БТА.

Во исто време толпи мигранти се наоѓаат на грчката граница со Македонија, подготвувајќи се да заминат кон север. Околу 2.200 бегалци вчера пристигнаа во пристаништето Пиреја со ферибот, испратен од грчката влада. Грчките власти се обидуваат да ја олеснат тешката ситуација на грчките острови, кои граничат со Турција. Обично бегалците тргнуваат кон север со воз или автобус до Солун, надевајќи се да се префрлат во Македонија, а оттаму во Централна Европа.

На грчкиот остров Кос, каде бегалците живеат во мизерија поради недостигот на адекватни услови за прифаќање, министерот за одбрана Панос Каменос вчера беше гаѓан со јајца од гневните локални жители. Неговата партија „Независни Грци" ја префрли вината врз крајно десничарски групи.

Грција, која е зафатена од најтешката економска криза во последниве децении, се покажа неподготвена за масовниот бран бегалци, претежно Сиријци. Бројот на мигрантите надмина 160.000 оваа година и се три пати повеќе во споредба со 2014 година