Македонија
10. January 2021 - 16:37

Грција најавува слободно движење само за вакцинираните

Слободно патување ова лето само за вакцинираните. Грчкиот министер за туризам вели дека во координација со неговите колеги веќе се разговара за тоа како да се отворат границите за туристите. Објаснува дека вакцинираните не треба да бидат подложени на тестирање ниту пак да одат во карантин. 

„Секое вакцинирано лице од надлежните во Грција ќе добие дигитален сертификат кој ќе може да го покаже на властите, сеедно дали во земјата или во странство. Слични процедури ќе има во повеќето земји во Европа и пошироко. Во моментов имаме отворена дебата на ниво на ЕУ за тоа како вакциналните сертификати ќе се делат на туристите меѓу земјите од кои се тргнува“, вели Харис Теохарис, грчки министер за туризам.  

За невакцинираните ќе важи друга политика која ќе зависи од епидемиолошката состојба во земјата од која доаѓаат. За побезбедно патување се размислува и за опцијата за брз тест кој истовремено е и евтин. 

Според досегашните најави, во земјава тешко дека ќе има поголем број вакцинирани лица пред стартот на новата сезона. Домашните туристички работници кои ја изгубија минатата година, бараат Владата да најде начин да не биде изгубена и оваа сезона. Ова се однесува и на понудата за домашни гости, но пред се за странските. 

Првите вакцини во земјава ќе стигнат најдоцна на почетокот на следниот месец, а имунизацијата, според најавите, ќе трае со месеци.