Балкан
6. April 2016 - 8:35

Грција ќе обезбеди храна, сместување и образование за децата бегалци без придружба

На децата-бегалци кои се без придружба ќе им бидат обезбедени храна, засолниште и образование онолку долго колку што ќе останат во Грција, и тоа во станбени објекти во Солун и Серес, кои ќе ги обезбеди државата.
 
Сетоа ова, како што јави дописникот на МИА од Атина, е по иницијатива на алтернативната министерка за социјална солидарност Теано Фотиу, која беше објавена вчера.
 
Министерството за труд потпишало меморандум со СОС Детските села и Центарот за социјални работи на грчката област Централна Македонија, да се обезбедат хумани услови за живеење и заштита на 40 деца чии барања за сместување се во постапка.
 
Децата бегалци ќе живеат во хостели обезбедени од Центарот, а Селата ќе придонесат преку донација од нивниот меѓународен синдикат за сите плати и придонеси потребни за персоналот на хостелите.
 
Програмата ќе започне да се спроведува веднаш и ќе трае шест месеци, со можност да се продолжи за уште шест месеци.