Македонија
1. July 2020 - 20:16

Грција ја крена па ја спушти рампата и забрани влез за сите странци до 15ти јули

Грција ги крена, но за кратко повторно ги спушти рампите на граничниот премин Евзони. Само неколку часа траеше одлуката за отворање на границите и можноста за слободен влез на туристи од земјите на Европската унија и третите земји кои се најдоа на листата што вчера ја соопшти унијата, а меѓу кои не беа  македонските државјани. Евзони ќе остане затворен до 15 јули. До тогаш на овој граничен премин влезот ќе биде дозволен единствено за грчките државјани и транспортерите. Останатите,  вклучувајќи ги и државјаните на земјите членки на унијата доколку сакаат да остварат влез кај нашиот јужен сосед тоа ќе треба да го направат на некој друг премин. Одлуката за повторно затворање на Евзони ја потврдија и од грчката амбасада, а таков одговор од нивните колеги во текот на денот добиле и македонските погранични органи.

Новата  одлука ги збуни туристите кои денеска преку Богородица тргнаа кон грчките плажи. Најголемиот дел од нив беа српски државјани.  Велат ги подготвиле сите потребни документи меѓу кои и формуларот со посебен бар код, но кога дошле на Евзони им рекле дека треба да се вратат назад.Образложение и одговор на прашањето која е причината за ваквата одлука не  добиле.

И покрај информацијата дека Македонија не е на листата од 15 те држави за кои од денеска беше дозволен влезот во Република Грција на граничниот премин Богородица утрово се регистрирани неколку возила со македонски државјани кои сепак се обиделе да си ја пробаат среќата. Но,  откако пристигнале на Евзони тие повторно биле вратени назад.