Балкан
6. October 2015 - 11:19

Грчкиот Парламент расправа за политиките на Владата на Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна дека наредните дваесет месеци ќе бидат клучни во спроведувањето на приоритетите на неговата Влада, со цел да се врати ликвидноста и земјата повторно да добие пристап до пазарите.

Во синоќешниот уводен говор во Парламентот, Ципрас, исто така, истакна дека тој ќе продолжи со поголема соработка со "прогресивните сили", тврдејќи дека е потребен најширок можен консензус.

Грчкиот премиер подвлече три непосредни приоритети на неговата коалициска Влада, односно намалување на долгот со можност за пролонгирање на плаќањата, намалување на каматните стапки и воведување на клаузула за раст и долг грејс период, и рекапитализација на банките и формирање на посебно тело кое ќе има задача да создаде неопходна рамка за привлекување приватни инвестиции и поттикнување на локалните брендови и претприемачи.

Ципрас ги истакна и четирите големи предизвици, со кои неговата влада ќе мора да се соочи во истото време. Тие се однесуваат на „црвените (лоши) кредити“, регулирање на пазарот на труд (враќање на колективни договори и прописите за заштита), презентирање на реален план со цел електродистрибуцијата и независниот оператор за преност на струја (ДЕИ и АДМИЕ) да се задржат во јавна сопственост и создавање на нов Фонд за приватизација.

Грчкиот премиер, исто така, објави дека контроверзниот 23 отсто ДДВ во образованието ќе биде укинат до средината на ноември, рок до кој ќе треба да се смислат алтернативни мерки со ист ефект на приходите. За кризата со бегалците и мигрантите Ципрас истакна дека регулативата „Даблин 3“ мора да се преразгледа и информира дека на грчките острови ќе се отворат пет „пунктови“ за бегалците и мигрантите кои пристигнуваат таму.

Парламентарната дебата за политиките на грчката Влада продолжува и денеска и ќе заврши утре на полноќ со гласање доверба на Кабинетот на Ципрас.