Балкан
12. November 2015 - 14:06

Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера демонстрантите во Атина

Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера демонстранти кои фрлаа молотови коктели во центарот на Атина, пренесува БТА..

Претходно денеска илјадници луѓе излегоа на улиците да протестираат против наметнатите од ЕУ и ММФ мерки за штедење во првиот национален штрајк, свикан од главните синдикати во Грција во државниот и приватниот сектор, откако левата влада на премиерот Алексис Ципрас дојде на власт во јануари.

Претходно денеска владејачката партија Сириза ги повика сите Грци да учествуваат во генералниот 24-часовен штрајк против политиката на штедење што самата ја спроведува.

Секторот на партијата задолжен за работничките прашања, издаде соопштение „против екстремните неолиберални политики“ и истакна дека борбата ќе продолжи уште подинамично и оти ќе се бара Владата повторно да преговара со доверителите, овој пат за договор во кој повеќе акцент ќе биде ставен на прашања поврзани со работничките права.

Денеска се затворени сите владини институции, болниците работат со неопходен персонал, јавниот превоз е сведен на минимум, а метрото и железничкиот сообраќај во Атина воопшто не работат.