Македонија
28. May 2018 - 11:35

Граѓанските иницијативи против изградбата на гасоводот низ парк-шумата Водно

Граѓанските иницијативи и по завршувањето на преговорите со Македонски енергетски ресурси (МЕР) остануваат на ставот против изгадба на гасоводот низ парк-шумата Водно. Од НВО „Го сакам Водно“ порачуваат дека ќе се борат со сите расположливи средства доколку се продолжи со работење на трасата.

- По разгледување на документацијата доставена на увид, реалната слика на терен и врз основа на водените разговори со претставници од МЕР, Министерството за транспорт и врски, Простор ДОО Куманово (физибилити студија, идеен проект и надзор), Чакар партнерс ДОО Скопје (основен проект), Рапид билд ДОО Куманово (изведувачи), советници на премиерот, Град Скопје, нашиот став останува против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно, велат од “Го сакам Водно“.

Како главни причини за ставот ги посочуваат фактите што парк-шумата Водно е заштитено подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови, имањето недоследности во документацијата за градба и непостоењето на ниту еден документ со кој е одобрена градба во заштитеното подрачје, како и постоењето на алтернативна траса која поминува од северната страна на Скопје што бара минимална експропријација.

- Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје. При тоа 56 километри од целата траса, заедно со кракот за Тетово, имаат незавршен процес на експропријација и Владата само за оваа година планира да потроши околу шест милиони евра за решавање на имотно-правните односи на овој дел од гасоводот. Што значи стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативна траса за тој потег, не е главната пречка за изградба на гасводот до Тетово и Гостивар, велат од „Го сакам Водно“.

Дополнителна причина, додаваат, за изборот на оваа траса низ Водно, наведена од проектантите, е што не ги сече главните водоводни цевки од Рашче кон Скопје. Но во исто време, планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа, што повторно не го оправдува изборот на трасата низ парк-шума Водно.

- Доколку се продолжи со работење на трасата низ парк-шума Водно, даваме до знаење дека ние граѓаните ќе се бориме со сите расположиви средства против. Се надеваме дека МЕР и Владата ќе одобрат алтернативна траса, со што парк-шума Водно ќе остане заштитена, а магистралинот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе се изгради, порачуваат од НВО: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на Загадувањето, ЕкоКарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог аларм и Сакаме Аеродром да дише.