Македонија
18. January 2023 - 16:50

Градот Скопје и Усје ќе се сретнат на суд

Сопственикот на Усје може да добие затвор до 10 години поради сторени тешки дела против животната средина и природата. Град Скопје денеска ја поднесе кривичната пријава против фабриката и нејзиниот директор, откако двапати државните инспектори евидентирале испуштање на повеќе штетни честички од дозволеното. Оттаму велат:

Апелираме до ОЈО, темелно да ги истражи наводите и соодветно да постапи. Граѓаните недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, и кои не смеат да бидат амнестирани од одговорноста“.

Од обвинителството за Сител потврдија дека ја добиле пријавата и ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител.

Цементара не ги прифаќа обвинувањата и се закани со контра тужба.

„Неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Целосна невистина е дека УСЈЕ со својата работа влијаел на загадувањето во главниот град. Тоа го потврдуваат сите наши извештаи. Во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи. “, велат оттаму.

Фабриката веќе ја потпишала спогодбата според која треба да плати казна од 180 до 200 илјади евра, а нејзиниот управител 10 илјади евра.

Вчера инспекторите повторно направиле контрола во Усје, при што констатирале дека нивните наредби се испочитувани и котлите за загревање од мазут, се префрлени на гас. Дополнително ќе мора да мери на сите емисиони точки од производствените процеси

„Мерењата ќе ги прави истата лабораторија. Тие вчера по мерењата на котелот продолжиле со мерење на останатите емисиони точки кои се во функција. Треба да кажеме дека првите мерења ние ги направивме на главните емисиони точки, тоа се печките 3 и 4, и споредувајќи ги резултатите од мониторинг системот што го има цементара резултатите се совпаѓаат и се под граничните вредности на емисии“ – Сретен Стојковски, директор на државен инспекторат за животна средина

Минатата недела Арсовска рече дека поседува цела листа на загадувачи на Скопје и вети дека истата ќе биде јавно објавена.