Македонија
26. July 2021 - 16:36

Градоначалникот на Охрид гледа мотивација во одлуката на УНЕСКО

Одлуката на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за дополнителен рок за зачувување на Статусот на заштитено подрачје, кој веќе 40 години го поседува Охридскиот регион е потврда за досегашните заложби, во исполнувањето на дадените препораки истакна градоначалникот на Охрид Георгиески кој најави дека сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките.

Невладините разочарани од одлуката на УНЕСКО за Охрид велат дека таа е политичка а не експертска, посочувајќи дека на овој начин се испраќа јасна порака дека светското наследство не е во вистински раце за неговата деградација да биде сопрена.

„Нивното злодело е непростливо затоа што исклучителните универзални вредности го засегаат човештвото во целина и грижата за тие вредности е одраз на цивилизациски напредок. Оттука, злосторствата против исклучителните универзални вредности се злосторство против човештвото. Тоа не смееме да им го дозволиме!“ - стои во соопштението на Охрид СОС.

Градоначалникот им порача на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои беа критичари и секојдневно отвараа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка во спроведувањето на препораките.