Македонија
1. December 2022 - 19:39

Градоначалникот ја разреши директорката на училиштето во Градско по случајот на булинг

Случајот со малтретираниот деветооделенец во училиштето во Градско од двајца соученици го следи и Народниот правобранител. 

Веќе оформиле предмет и ќе ги набљудуваат постапувањата на органите каде е пријавено насилството и дали мерките се во интерес на детето. 

За булингот дознале од медиумите и велат дека многу ретки се ваквите претставки кај нив поради фактот дека самите жртви, но и нивните родители не се охрабруваат да пријават. Ова го покажува и последнито истражување на Омбудсманот. 

Од анкетата во 14 скопски средни училишта дури 44 проценти од децата не знаат каде да се обратат. Од канцеларијата на народниот правобранител потенцираат дека потребен е протокол или стратегија како треба да се постапи во случај на меѓуврсничко насилство.

-Почнувајќи од информирање и запознавање на учениците на почетокот на учебната година, што во случај на булинг, каде да се обратат, како да постапат итн. Па се до правецот на движење задолжително на другите органи, наставниците, стручните служби, директорите, центрите за социјални работи, вклучително и институцијата Народен правобранител кој има надлежност да ги штити правата на децата, изјави Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.

14-годишникот од Градско кој бил првенец на генерација веќе трета недела не оди на училиште бидејќи двајца соученици подолго време го малтретирале физички и психички. 

Булингот кулминирал на 11-ти месецот кога по втор пат му го искинале долниот веш и му нанеле гребатини, по што момчето собрало храброст и им кажало на родителите. Утредента таткото случајот го пријавил во полиција, од каде велат дека ги информирале јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес.

Од Министерството за труд и социјала велат дека стручни служби работат на случајот и веќе разговарале со детето жртва кое посочило дека подолго време било исмејувано и малтретирано од двајца соученици.

-Со децата, посочени како сторители и нивните родители се води предмет како за деца во ризик, постапката е во тек и се преземаат сите стручно советодавни активности. По добивањето на предметот од МВР Велес, Центарот за социјални работи ќе постапи согласно Законот за правда на децата, велат од МТСП.

Инаку наставничкиот совет во “Даме Груев” во Градско донел одлука согласно законот за основно да ги премести во друга паралелка двајцата ученици кои го малтретирале деветтодделенецот бидејќи нема друго училиште.