Македонија
19. November 2020 - 21:22

Говорот на омраза главна тема во Бугарија

Разрешувањето на Зоран Иванов од државната агенција МИА стана главна тема во бугарските медиуми. Оваа одлука е донесена на иницијатива на премиерот и шефот на дипломатијата, Иванов повеќе да не биде член на надворниот одбор на МИА. Разрешувањето е поради недолична јавна комуникација и ширење говор на омраза. Зоран Иванов ја нареше фригидна кучка бугарската министерка за надворешни Екатерина Захариева а по ова дополни дека се работело за метафора.

Откако беше најавено неговото разрешување, Зоран Иванов повторно преку статус на социјалните мрежи напиша.

„Самиот поим “жена” симболизира племенитост, мајчинство, душа, кога користејќи ја својата политичка позиција жена ти навредува, ти негира и кога најотворено ти мрази цела нација и која и во овој 21-ви век цел народ множи со 0, би било поцелисходно таквата жена, таквите жени, пред да се нафатат на своите функции, да погледнат во својата душа за да си проверат дали воопшто имат бар тронка совест. На некои не им успева.

Захариева јавно порача дека во ЕУ нема место за балкански сексизам.

Бугарските медиуми ги коментираат и ставовите на Петар Богојевски како ширење говор на омраза. Тој за Сител вели дека политичарите, новинарите и граѓаните од Бугарија се тие кои со говор на омраза зборуваат против Македонија и Македонците а во тоа предничи министерката Захариева.

На интернет се појави снимка од запалено бугарско знаме по што МНР остро реагираше.

-Најостро го осудуваме овој чин, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија. МНР упати апел до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива односите со соседите.