Бизнис
29. July 2019 - 13:22

Гошаревски: Мој ДДВ можност за сузбивање на сивата економија

Мој ДДВ е одлична можност за сузбивање на сивата економија, но и начин граѓаните да добијат назад 15 проценти од пресметаниот ДДВ на нивната трансакциска сметка, заклучи градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски.

При денешната промоција на проектот во Ресен, тој ја искористи можноста да пазари во локален маркет и да ја скенира фискалната сметка за враќање на ДДВ, а со тоа и да им помогне на жителите на Преспа околу начинот на инсталирање на апликацијата.

-Користењето на апликацијата Мој ДДВ е брзо и едноставно, а со барањето на фискалната сметка граѓаните најпрвин имаат личен бенефит преку враќањето на ДДВ, се намалува сивата економија, а со поголемата наплата на ДДВ се слеваат повеќе пари во Буџетот, кои понатаму можат да се инвестираат во проекти што повторно ќе бидат во интерес во граѓаните на нашата држава, изјави Гошаревски.

Заклучно со вчера, додаде, вкупно се скенирани околу шест и пол милиони фискални сметки со што уште на самиот старт се потврдува успехот на овој проект.

-Ги повикувам и охрабрувам жителите на општина Ресен што помасовно да ја користат оваа апликација и можноста за враќање на ДДВ, нагласи градоначалникот Гошаревски.